Косовски полицаец е убиен синоќа, а друг е ранет во престрелка во селото Бањска, соопшти утринава косовската полиција. Од утрово затворени се премините Јариње и Брњак во правец на Косово, додека сообраќајот во другиот правец на тие два премини е отворен, но значително забавен поради претрес на автомобили, пишува „Еуроњуз“.
На кривината кон Бањска, на самата раскрсница има неколку оклопни возила на специјалните полициски единици, а според последните информации во моментот не се слушаат истрели.
Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер денеска најостро ги осуди, како што наведе, оркестрираните и насилни напади врз косовската полиција.
„Косовската полиција има целосна одговорност и легитимитет да го спроведува владеењето на правото на Косово.
Сторителите мора да бидат и ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Во име на САД упатувам сочувство до семејството на загинатиот припадник на косовската полиција“, напиша Ховениер на платформата Икс (Твитер). Тој додаде дека САД внимателно ја следат ситуацијата и ги осудуваат, како што рече, „овие акти на насилство врз властите на легитимното Косово“.
Косовскиот премиер Албин Курти уште еднаш се огласи на својот Фејсбук профил каде изјави дека го посетил повредениот полицаец наведувајќи дека операцијата му била успешна и тој денеска ќе биде пуштен од болница.
Претседателот на српското Собрание Владимир Орлиќ денеска изјави дека премиерот на Косово Аљбин Курти прв ги обвини Србите за настаните во Бањска и дека секој сериозен би рекол да видиме што точно се случило, па потоа да коментира.
Косовската полиција претходно преку соопштение изнесе детали за самиот случај. Како што прецизираат, единицата за брза интервенција на граничната полиција околу 02:34 часот забележала дека на влезот во селото, односно преку мостот се поставени два поголеми камиони, без регистарски таблички и дека патот е блокиран.
„Единиците на Полициската станица Звечан, по добиеното известување, реагирале во врска со случајот и со три единици тргнале во правец на локацијата, а штом пристигнале во близина на местото каде што била пријавена блокадата, Полициските единици наишле на отпор, кога од повеќе различни позиции било пукано од арсенал огнено оружје, вклучително и рачни бомби и гранати, при што од пукањето било пукано во двајца полицајци“, соопшти полицијата.
Единиците, како што се наведува, реагирале во самоодбрана и успеале да го одбијат првичниот напад за да создадат услови за пружање помош и повлекување на застреланите колеги.
„Повредените полицајци се извлечени од локацијата и пренесени во Регионалната болница во Јужна Митровица, каде лекарот констатирал смрт на еден од тешко повредените полицајци, додека за другите двајца полицајци, од кои едниот е ранет, според лекарот се надвор од животна опасност“, додаваат од полицијата.
Косовскиот премиер, Албин Курти рече дека станува збор за терористички напад поддржан од Белград.