Грција е целосно безбедна земја за посетителите, нашиот план за туризмот се спроведува нормално, порача портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за последиците што би можеле пожарите во земјата да ги имаат врз туризмот, но и за пораката што ја испраќаат до туристите кои се двоумат или се плашат да го поминат одморот во Грција.
Маринакис објасни дека во сите медитерански земји, не само во Грција „живееме нова реалност“ со многу пожари, истакна дека пет дена по ред во земјата постоела екстремна опасност од пожари нешто што се случува првпат во изминатите најмалку 15 години, но и дека за 15 дена имало 660 пожари, посочувајќи дека „тоа е реалност“.
-Но, друга реалност е дека Грција е апсолутно безбедна земја. На Родос, државниот механизам во соработка со армијата, безбедносните сили, волонтерите, помошта на жителите, успеа да заврши огромна, многу тешка операција за евакуација со апсолутна безбедност за животот и здравјето на посетителите, но и жителите на Родос. Грција е тука, безбедна е, рече Маринакис на прашањето на МИА.
Посочи дека нивниот план за туризам, низ цела Грција се одвива нормално, островите се полни, како и останатите региони во земјата кои „продолжуваат да пречекуваат посетители од целиот свет“.
– Грчкото гостопримство се рекламира низ целиот свет и мислам дека тоа ќе продолжи да се прави со напорите на сите нас во оваа насока, истакна портпаролот на грчката Влада