КФОР: Во контакт сме со српските власти во врска со косовските полицајци

kfor
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, синоќа соопшти дека е во контакт со српските власти за да добие официјална информација во врска со настанот на граничната линија меѓу Косово и Србија.

Косовската полиција соопшти дека тројца нејзини припадници се „киднапирани“ на територијата на Косово, додека во Белград се вели дека биле уапсени од антитерористичките единици на Жандармеријата на територијата на централна Србија, во општина Рашка.


Инцидентот, како што соопшти косовската полиција, се случил вчера напладне, кога наводно биле киднапирани полицајци од српските сили при патрола во градот Тресава/Баре, на граничната линија на северот на Косово. Косовската полиција соопшти дека за овој инцидент го известила КФОР.

Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, изјави дека ЕУ е во контакт со Косово и Србија, како и со КФОР, со цел да дознае повеќе што се случило со косовските полицајци за кои Приштина тврди дека биле киднапирани од српските сили. „Ние сме во контакт со двете страни, како и со Кфор, за да утврдиме што точно се случило и како. Ги повикуваме Косово и Србија да се воздржат од каква било акција или реакција што може дополнително да ги зголеми тензиите. Го повторуваме повикот за итна деескалација“, рече Стано.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека ниту еден војник на војската на Србија, ниту еден полицаец не ја преминал границата при апсењето на тројца припадници на Косово. Тој изјави дека се уапсени на 1,8 километри од граничната линија на потегот Орахово-Гњилица. Вучиќ изјави дека се води истрага за апсењето на вооружените косовски специјалци и посочи дека Белград е подготвен да ги обезбеди сите докази и дека нема проблем сите да прикажат сателитски снимки.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK