Претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која на покана на претседателот Бајрам Бегај е во официјална посета на Албанија, на заедничката прес конференција го нагласи значењето на Западен Балкан за безбедноста на Европа.
-Среќна сум што сум во Тирана, посетата ми значи многу. Во текот на оваа година се обидов да бидам дипломатски активна. Балканот е многу битен, бидејќи од него зависи безбедноста во Европа. Мирот на Балканот е значаен за безбедноста на ЕУ. Ќе ве поддржиме во интеграцијата во Европската Унија. Разговаравме за евроатлантските интеграции, војната во Украина, ситуацијата во Косово, економската соработка, илегалната имиграција и демографијата, рече Новак.
Според неа, дипломатијата и дијалогот треба да ги предводат земјите од регионот на Западен Балкан.
-Мораме да се обидеме да го поддржиме мирот и интеграцијата на земјите од регионот преку дијалог. Имаме над 400 војници на Косово во КФОР. Се надеваме дека ситуацијата ќе се смири што е можно поскоро и дека ќе се најде патот кон долгорочен мир, нагласи таа.
За Бегај, Унгарија отсекогаш била ценет историски сојузник на Албанија а народите на двете земји споделуваат силни евроатлантски вредности. Во однос на состојбата на северот на Косово тој осуди насилството врз медиумите и КФОР.
-Заедно со претседателката Новак, сме посветени на промовирање силен политички дијалог и зголемување на економската соработка меѓу Албанија и Унгарија. На Новак и изразив жалење за повредените унгарски војници на северот на Косово и посакав брзо закрепнување. Ваквите настани никому не му служат, никому ништо добро не му носат. Тие ги попречуваат интегративните процеси на регионот во Европската Унија. Злоупотребата на српското население на северот на Косово и насилството врз КФОР и медиумите е неоправдано. Не може да се даде никакво оправдување за да се оправда некоја од страните дека не го спроведува договорот постигнат во Брисел и анексите во Охрид, рече Бегај.
Посочи дека во овој момент е потребно „ детензија на ситуацијата, да се покаже разумност и трпение, во прилог на решение на проблемот и ориентација на двете земји да постигнат договор“.
И во обраќањето пред народните избраници во албанскиот законодавен дом, Новак потенцираше дека „мирот и стабилноста во Европа зависи од Западен Балкан“,
-Во ова време, Западен Балкан е регион каде ситуацијата може многу брзо да ескалира, како во Босна, така и во Косово. Заедно со претседателот Бегај, ние сме заинтересирани за деескалација и размислуваме за мирот и стабилноста на Косово и регионот. Се обидуваме преку дијалог да го поддржиме мирот и интеграцијата на земјите од регионот, рече таа.
Се надевам, додаде, дека „таква ситуација нема да се повтори, дека што поскоро ќе се смири и ќе се најде патот до долгорочен мир”.