Пред да објави кого ќе назначи за вршител на должноста премиер, претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе разговара одделно со пратеничките групи во 51. состав на Националното собрание.
Консултациите започнуваат денес со првите две најголеми формации. Во 11 часот е состанок со претставници на ГЕРБ-СДФ. Во 13:30 часот, во „Дондуков“ 2, поканета е втората најголема парламентарна група „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.
Претседателот минатата недела разговараше одделно со 10 можни кандидати за вршител на должноста премиер. Петмина потврдија дека се подготвени да предводат привремена влада: заменик-гувернерот на Бугарската народна банка Андреј Ѓуров, заменик-омбудсманот Марија Филипова, претседателот на Сметковната комора Димитар Главчев и неговите заменик-претседателки Маргарита Николова и Силвија Кадрева.
„Оние кои рекоа да, разговаравме за нив. Од моја страна беа поставени прашања – како планираат да ги надминат сите проблеми за да нема повеќе откажани избори“, рече Јотова, пренесе Факти.бг“.
Пред да ја објави својата одлука за тоа кого ќе назначи да формира привремен кабинет, таа ќе одржи и консултации со пратеничките групи:
„Изборот на следниот привремен премиер е избор на Народното собрание. Тие гласаа за овие измени на Уставот. За мене, разговорот со пратеничките групи исто така ќе биде исклучително важен“.
Разговорите започнуваат со најголемата парламентарна група. ГЕРБ-СДФ изрази надеж дека привремениот кабинет ќе биде неутрален. Деница Сачева, заменик-претседателката на пратеничката група ГЕРБ-СДФ:
„Се надевам дека г-ѓа Јотова ќе создаде апсолутно неутрална архитектура за привремената влада. ГЕРБ нема да дава никакви совети, ниту за тоа кој ќе биде привремен премиер, ниту за тоа кој ќе биде привремен министер“.
Втората средба на „Дондуков“ 2 денес е со „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“. На консултациите, тие ќе побараат од идниот привремен министер за правда да предложи нов вршител на должноста генерален обвинител. Божидар Божанов, заменик-претседател на пратеничката група на ПП-ДБ:
„Од имињата на маса, единствениот што не е поврзан со Пеевски е г-дин Ѓуров“.
Од „Вазраждане“, кои одбија да учествуваат во консултациите со претседателот, посочија кој, според нив, е погоден за привремен премиер. Петар Петров, заменик-претседател на пратеничката група „Вазраждане“: „Андреј Ѓуров е најприфатлив“.
Во наредните денови се очекуваат и средби со другите пратенички групи. По консултациите, Илијана Јотова ќе објави кого ќе назначи да формира привремена влада.