Професорот по уставно прави со богата академска кариера, поранешен државен секретар и поранешен привремен министер за транспорт и инфраструктура преземајќи го „жешкото столче“ по несреќата кај Темпи и еден од политичарите кои сметаат дека Договорот од Преспа мора да се почитува бидејќи државата има континуитет, Јоргос Герапетритис, сега е новиот шеф на грчката дипломатија, јави дописничката на МИА од Атина.
Важи за близок соработник на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и се сметаше за „клучен играч“ во претходната Влада.
Во политиката, 56-годишниот Герапетритис официјално влезе во 2019 година, кога за прв пат беше избран за пратеник, а за време на првиот мандат на Нова демократија ја имаше функцијата државен министер.
Со Нова демократија се поврзува од 2016 година, додека партијата беше во опозиција, Герапетритис стана дел седмочленото советодавно тело за следење на процесот на подготовка на програмата на партијата, а една година подоцна беше назначен од Кирјакос Мицотакис за шеф на советничката група на Нова демократија.
Сепак, според натписите во грчките медиуми Герапетритис бил политички активен и за време на Владата на ПАСОК во 2009 година кога премиер беше Јоргос Папандреу, а ја извршувал функцијата генерален секретар.
По железничката несреќа кај Темпи со 57 жртви на крајот на февруари годинава и по оставката на тогашниот министер за транспорт и инфраструктура, со одлука на грчкиот премиер, Герапетритис привремено ја презеде министерската функција сè до првите избори и имаше задача да ги истражи причините за трагедијата, но и да преземе активности за надградување и подобрување на железницата во Грција.
Што се однесува на нашата земја, во периодот кога Договорот од Преспа не беше официјализиран, а Нова демократија беше во опозиција, Герапетритис, во улога на професор, за грчките медиуми коментираше дека решението не е поволно за Грција, отворено изразувајќи го неговото несогласување.
Откако Нова демократија дојде на власт, во интервјуто за грчката телевизија „Мега“ во јануари 2021 година, тогаш како државен министер, Герапетритис го повтори ставот дека од моментот кога Договорот е ратификуван, Грција мора да го почитува.
-Во однос на договорот со Северна Македонија, Нова демократија навремено излезе со став дека овој договор има многу „сиви точки“, дека е договор што нема директни корисни придонеси за земјата. Од друга страна, ние мора да го прифатиме континуитетот на државата. Грција не е земја која може во било кој момент да го менува нејзиниот меѓународен став. Самиот Устав наметнува дека од моментот кога постои ратификуван меѓународен договор, треба да се почитува и не може да се смени. Па така, ќе го почитуваме договорот, бидејќи Грција е држава на владеењето на правото и држава со континуитет, објасни тогаш Герапетритис.
Вчера, новиот шеф на грчката дипломатија, заедно со останатите членови од Владата положи свечена заклетва, а веднаш потоа и официјално ја презеде функцијата во Министерството за надворешни работи на Грција.
Порача дека должност е секојдневно да се бранат суверенитетот и националниот статус на земјата и изрази уверување дека во целост ќе го сторат тоа.
-Грчката надворешна политика беше и ќе остане политика на принципи, политика која се основа на меѓународното право, инспирирана од Повелбата на Обединетите Нации и цели кон регионална соработка и стабилност, истакна вчера Герапетритис.
Паралелно за време на примопредавањето на функцијата ги претстави неговите заменици, Александра Пападопулу, искусна дипломатка, амбасадорка на Грција во САД која во минатото беше и амбасадорка во Скопје, Јоргос Коцирас, кој ќе биде надлежен за дијаспората и Костас Франкојанис, кој ја задржува досегашната позиција, одговорен за економска дипломатија и екстровертност.