Источна Србија: Богатство на историја крај Дунав од мамути и Аве Цезаре до средновековни тврдини

crkva_srbija_345345533
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Источна Србија, крај реката Дунав ни се чинеше дека е малку скриена од пофреквентните делови на оваа земја. Во организација на ФИЈЕТ Србија, тим од туристички новинари од Северна Македонија, Хрватска,  Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Романија, Чиле, Русија имаа можност да ја откријат и видат, да ја почувствуваат магичната убавина и богатата историја на источна Србија, од Пожаревац до Неготин, патувајќи по реката Дунав долж Ѓердапската магистрала, но и пловејќи по оваа река кон познатата клисура и хидроцентралата Ѓердап.

Ние, гостите, веднаш по пристигнувањето бевме качени на коњи. Љубичевските коњаници, витези, ни ги демонстрираа своите повеќевековни коњанички игри. Љубичевската ергела е посебна атракција на градот Пожаревац која одгледува англиски чистокрвни коњи од галопска сорта, некогаш имале и до 500 грла. Ергелата е најтрофејна институција од ваков вид во Србија со најдолга традиција. Основана е од кнезот Милош Обреновиќ во 1860 година и е поврзана со туристичко-спортската манифестација „Љубичевски коњички игри“.


-Тогаш се среќаваат модерни витези, мажи од седла и мамузи. Во носии ги јаваат своите четириножни убавици и делат мегдан на хиподромот во Љубичево, гаѓајќи со стрели и копја во алки и други мети. Годинава слават 60 годишнина, кажа Василије Васо Балдиќ, од Туристичката организација на Пожаревац.

Крајот на денот е резервиран за возење до археолошки парк Виминациум. Патот не води покрај термоцентралата Костолац, втора по големина во Србија. Сместувањето во „Лимес паркот“ на Виминациум е посебно искуство. Спиеме во бараките на римските легионери, во соби со шест кревети кои всушност се дел од римскиот воен камп кој е направен како реплика на логорот откриен на оваа локација, каде што била стационирана римската легија, legio VII Claudia pia fidelis. Додуша, има интернет и модерна бања за посетителите, а за оние кои сакаат да се пробаат во улогата на римски легионер, има висински полигон со јажиња, специјален полигон со пречки за вежбање. За професионалците и оние кои сакаат да научат нешто, постои и т.н работилница и библиотека, во прекрасна реплика на „римска царска вила“.

Виминациум е всушност антички римски град кој бил основан во првиот век од нашата ера, поранешен главен град на провинцијата Горна Мезија, која ги опфаќала териториите на денешна Србија, Босна, Црна Гора и Северна Македонија. Археолошкиот парк е отворен за посетители од 2006 година, а велат дека се откопани 14.000 грбови и откриени околу 50.000 предмети. Некогаш бил голем град со развиена инфраструктура, плоштади, театар, бањи, водовод, градски ѕидини… За оние кои сакаат да го искусат духот на антиката, тука се и тогите- носија на старите Римјани и ресторан со римски специјалитети.

Откако ќе го обиколите римскиот град и ќе го доживеете во вистинска смисла, ве очекува уште едно изненадување. Недалеку од царскиот мавзолеј на Виминациум, пронајден е зачуван скелет на мамут, стар околу милион години, кој е меѓу најстарите во светот. Пронајдени се и остатоци од уште четири мамути, а сите заедно во „Паркот на мамути“ кој е отворен за посетители од 2014 година.

Го напуштаме Виминациум со речиси неверојатниот податокот дека во тие краишта се родени дури 17 римски императори.

Аve imperatori, Ave наши домаќини, ние продолжуваме понатаму!

Нè чека срдновековната тврдината Рам на Дунав. Изградена е во 15 век од султанот Бајазит II, дедото на Сулејман Величествениот. Ова е првата артилериска тврдина во овој дел на Европа. Тврдината крие интересна приказна која дефинитивно треба да ја видите, слушнете и доживеете. Се е реставрирано и конзервирано како некогаш, со помош на средства од Турција. Во средината на тврдината се наоѓа кружен предмет за кој при истражувањата се покажало дека е од римски период, посветен на богот Јупитер, заштитникот на воената среќа. Османлиите не го урнале туку околу него изградиле тврдина со што го испочитувале ова свето место.

Стратешката положба на тврдината Рам може да се воочи со прекрасниот поглед на Дунав на другиот брег, на јужен Банат и Војводина, до каде лесно можете да стигнете за 15 минути со „старинска скела“ до рестораните кои нудат рибни специјалитети свежо уловени од оваа река, меѓу кои е кечигата и смуѓот, кои ги нема во Македонија.

Долж Ѓердапската магистрала и Дунав има уште една тврдина, која не смеете а да не ја посетите. Тоа е преубаво реставрираната тврдина Голубац. Се наоѓа на местото каде што Дунав е најширок и најдлабок, каде што оваа река полека почнува да се стеснува кон познатата Ѓердапска клисура, најголемиот кањон во Европа. Тврдината за прв пат се споменува во пишаните извори во 1335 година. Во археолошки парк на Голубац, во просторот околу тврдината, пронајдени се остатоци од античко и средновековно време, како и амамот на Коџа Махмуд Паша, освојувачот на тврдината Голубац во 1458 година.

-Минатата година во Голубац имавме 32.000 ноќевања и 170.000 посети, рече Јелена Петровиќ, директорка на Туристичката организација на Голубац.

Најмногу сместувачки единици има во Голубац и Винци, позната викенд населба која има околу 2.000 куќи за изнајмување. Тука е и манастирот Тумане, кој подготвува нови капацитети за пречек на гостите. Инаку, овој манастир е еден од најпосетуваните манастири во Србија, со околу 1,5 до 2 милиони посетители годишно. Прв пат се споменува во турските документи во 16 век. Се верува дека молитвите на монасите на светите Зосим и Јаков можат болните да ги исцелат, а нероткините да се породат.

Петровиќ посочи дека за развој и заживување на овој регион имале голема помош од ЕУ, дека околу 24 милиони евра се инвестирани во овој регион, преку различни компоненти, од грантови, инфраструктура, образование, промотивни активности.

-Ова е дестинацијата на иднината!, кажа Петровиќ и наброја дека имаат туристички возила и чамци, дека е создадена мрежа од велосипедски и пешачки патеки, да имаат дваесетина ресторани, но и интересна библиотека и галерија на модерна уметност, кои нудат различни содржини и нови искуства. Основен производ им е културниот туризам.

Манастирот Тумане и Голубачката тврдина се два заштитни знаци на Србија. Блиску е граничниот премин кон Романија и кон ЕУ, а тука е и првиот геопарк на УНЕСКО во Србија.

Границата со Романија е на самиот Дунав, а има интересна приказна за шверцот на гориво за време на последната војна во екс-ју, кога некои се збогатија многу.

Националниот парк Ѓердап, крие уште еден бисер, еден од најголемите и најзначајните праисториски археолошки локалитети, всушност најстарата урбана населба во Европа- Лепенски Вир.

Посетувајќи го се прашуваме зошто токму тука првите луѓе во светот избрале да живеат?

Кога ќе се најдете на лице место, одговорот ви е јасен. Река и шума, извори на храна, топлина, безбедност. Пред повеќе од 10.000 години, првиот човек, прачовек, бил „громада“, висок до 2,30 метри. Бидејќи риболовот бил нивен најважен извор на храна, рибата била заштитен симбол. Подоцна ловеле на копно, береле плодови. Денес, тајните на животот на праисторискиот човек можат да се откријат во импресивна футуристичка зграда-музеј. Владимир Нојковиќ, директор на оваа институција, истакнува дека ова е најинтересниот праисториски локалитет во Европа.

-Пред повеќе од 10.000 години луѓето овдека развија специфична архитектура и религија која е препознатлива преку познатите скулптури од Лепенски Вир, ни вели тој, додавајќи дека ова е еден од најголемите и најзначајните археолошки локалитети од мезолит и неолит, каде што се наоѓала една од најважните и најкомплексните праисториски култури, културата на Лепенски Вир.

Таман кога помисливме дека видовме се, дојдовме до приказната за влашката магија и ајдуците. Велат дека се криеле во кучевските пештери, нашата следна дестинација.

Посетивме две, а кај пештерата Дубочка нивната фолклорна секција ни приреди народни ора и песни, како и традиционалниот ритуал на Хомољските Власи, трансот на Русалките, сето тоа пропратено со песна и игра. Русалките во својот транс всушност воспоставуваат врска со мртвите, а неколку „шлаканици“ и продолжувањето на кружната игра ги враќаат кај живите. Врската меѓу живите и мртвите овде е всушност нераскинлива, а огледалото и колачот со дупка како составни реквизити за носиите се како временска капсула од научно-фантастични филмови за врската со другиот свет.

Магијата и легендите, веројатно остатоци од паганската култура, исклучително се негувани во влашката култура.

Дали од магијата или вчудоневиденоста што се откривме на ова патување, не верувавме дека крајот на патувањето ќе го завршиме со барање вистинско злато на реката Пек на Хомољските планини. За тоа ви треба посебна опрема и техника. Се зафаќа камен и песокот од реката Пек, се истура во сад, го испираш низ сито и ако нешто светка, добро е. Злато ќе е! Тоа така оди и изгледа лесно. Но, и не е! Нашите демонстранти од здружението „Златно руно“ ни велат дека е потребно многу време и труд за да се најде само еден грам злато.

Ние не откривме злато, но го откривме скапоцениот камен „Источна Србија“. Доаѓањето во регионот што ги опишавме и презентиравме во оваа репортажа за љубителите на патувањата, авантурите, спортот, рекреацијата, храната и пијалоците, автохтоната култура и археолошките атракции… сигурно ќе Ви го исполнат срцето и душата.

Оливер Бранковиќ

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK