Хрватската државна секретарка: На Северна Македонија и на Албанија треба да им се дозволи да направат чекор напред на патот кон ЕУ

bf0836fa-9c09-440c-b945-58e7c1b53d5d.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Хрватска силно ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, но врз основа на заслуги, што значи дека, меѓу другото, треба да се придржуваат до принципите на добрососедски односи, изјави државната секретарка во хрватското МНР Андреја Метелко Згомбиќ.



„Хрватска силно го поддржува процесот на проширување заснован на заслуги“, изјави Метелко Згомбиќ по состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ.

Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите на земјите-членки задолжени за европски прашања, го одржа првиот официјален состанок под унгарско претседателство.

На средбата се разговараше за владеењето на правото во земјите членки, а за првпат на дискусијата учествуваа министрите од четирите земји од Западен Балкан, кои веќе ги отворија пристапните преговори – Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Министрите на средбата не разговарале за конкретни случувања кои четирите земји би можеле да ги направат до крајот на годинава, бидејќи во Советот на ЕУ се водат дискусии на пониски нивоа.

Унгарија, како претседавач, силно се залага за напредок на земјите од Западен Балкан кон членство во ЕУ и се обидува да организира меѓувладини конференции за пристап до крајот на оваа година, со цел некои од овие земји да отворат или затворат дел од преговарачките поглавја. Ова бара консензус од сите земји-членки, пренесуваат медиумите во регионот.

На прашањето какви се шансите тоа да се случи, Метелко Згомбиќ рече дека Хрватска верува дека на Албанија и на Северна Македонија треба да им се дозволи да направат чекор напред и да отворат некои поглавја.

„Кога станува збор за Црна Гора, добрососедските односи и непреземањето дејствија што им штетат се важен елемент со кој се мери подготвеноста на земјата за напредок на европскиот пат“, рече Метелко Згомбиќ, нагласувајќи дека на средбата немало дискусија за отворање или затворање на преговарачките поглавја за која било земја.

„Ќе погледнеме до кој степен Црна Гора го исполнува она што веќе го вети и тоа ќе биде еден од елементите на кои ќе оцениме дали е време да затвори некои конкретни поглавја“, рече Метелко Згомбиќ.

Што се однесува до Србија, Метелко Згомбиќ рече дека мора јасно со конкретни мерки да покаже дека сака да оди напред на европскиот пат. „Тогаш можеме да зборуваме за некои поглавја кои се отвораат или затвораат“, рече таа.

Таа додаде дека на денешната дебата за владеење на правото потсетила на прашањето за регионалната јурисдикција.

„Сè додека постои овој закон за регионална јурисдикција, Србија не може да напредува на европскиот пат. Многу колеги во дискусијата истакнаа дека владеењето на правото е суштината на меѓусебната доверба и затоа овој обид да се дограби јурисдикцијата на една земја членка е неприфатливо“, изјави Метелко Згомбиќ.

Хрватската државна секретарка рече дека во рамките на поглавјата 23 и 24 е важно да се воспостави независност на судството.

„Оваа независност на судството потоа се мери преку конкретни чекори, на пример, дали една земја ги гони воените злосторства, особено на високо ниво, или не го прави тоа поради влијанието на политиката во судството, дали овозможува компензација за жртви на воени злосторства без никаква дискриминација“, рече Метелко Згомбиќ.

Таа рече дека претставниците на некои земји членки на дебатата ја довеле во прашање вистинската стратешка определба на некои од овие земји кандидати кон Европската унија и оти некои нагласиле преголема отвореност за влијанија од трети земји.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK