Земјите од Западен Балкан, доколку сакаат да станат членки на Европската унија, мора да бидат усогласени со политиките на ЕУ, што поздразбира и воведување санкции против Русија, изјави денеска хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман. „Ако земјите од Западен Балкан одлучија да бидат дел од Европската унија, треба стриктно да ја следат и да бидат усогласени со политиките на ЕУ. Невозможно е да се седи на две столчиња.
Сите земји треба да ја осудат руската агресија, да воведат санкции, да покажат солидарност кон Украина и да промовираат регионална стабилност и добрососедски односи“, рече Грлиќ Радман на панелот „Западен Балкан: Нов евроатлантски замав“ во рамки на Форумот во Дубровник. Тој посочи дека „националниот интерес на Хрватска е безбедно и стабилно соседство“ и повтори дека Хрватска може да им помогне на земјите од Западен Балкан со „знаење, експертиза и искуство“ на патот кон Европската унија.