Претседателот на македонското друштво „Илинден” – Тирана, Никола Ѓурѓај, беше во посета на во канцеларијата на Федералната унија на европските националности, ФУЕН, во Фленсбруг, Сојузна Република Германија.
При тоа, оствари средба со потпретседателите на ФУЕН, Госта Тофт и Бане Бансен.
– На работната средба, високите претставници на ФУЕН ги запознав со најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Република Албанија. Исто така, беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонското национално малцинство во Република Албанија и за одредени иницијативи кои што може да се покренат во рамки на ФУЕН, информираше Ѓурѓај.
Тој додава дека во текот на разговорот, Тофт и Бансен, покажале „исклучителен интерес за положбата на Македонците во Република Албанија”.
-Секако, во опсегот на надлежностите искажаа подготвеност да помогнат за подобрување и унапредување на малциските права на Македонците во Република Албанија. Во име на друштвото и во мое име топло им се заблагодарив за срдечната средба, нагласува тој.
Македонско друштво „Илинден” – Тирана е член на ФУЕН од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства.