Уверување дека „независното грчко судство ќе постапи објективно, непристрасно и врз основа на почитување на основните права на притворениците“ во случајот со хрватските навивачи, му изразил министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ-Радман, брифирале грчки дипломатски извори за медиумите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации шефовите на двете дипломатии имале телефонски разговор по повод одредената мерка притвор за хрватските навивачи.
Грлиќ-Радман изразил жалење за загубата на грчкиот навивач, го осудил учеството на хрватските навивачи во инцидентите и изразил верба дека грчката правда објективно ќе ги истражи настаните, а паралелно им се заблагодарил и на грчките затворски службеници и на државата за соработката.
Од Министерството за надворешни работи на Хрватска соопштија дека хрватската дипломатија уште од првиот ден е вклучена и „се грижи за условите и безбедноста на приведените хрватски државјани во Атина“.
Паралелно додадоа дека министерот Гордан Грлиќ- Радман е во постојан контакт со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, со кој вчера телефонски разговарал и „ја истакна загриженоста на семејствата на хрватските граѓани и важноста од правично постапување кон притворените навивачи“.
За инцидентите пред стадионот на АЕК во понеделникот вечерта во кои беше убиен 29-годишниот навивач на атинскиот тим, беа уапсени 105 навивачи и на сите им е одредна мерка притвор, а од нив, 102 се хрватски државјани.