Ердоган: Шведска сега треба да преземе конкретни чекори против тероризмот

erdogan
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Турција ќе работи на ратификување на шведската кандидатура за членство во НАТО, а истовремено ќе соработува со Стокхолм во борбата против тероризмот, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО минатата година како одговор на руската инвазија на Украина, напуштајќи ја политиката на неутралност што ја практикуваа за време на Студената војна.


За членство во Алијансата потребно е зелено светло од сите земји-членки. Одложувајќи ја ратификацијата на шведската кандидатура за членство во НАТО повеќе од една година, Ердоган неочекувано се согласи, по самитот на НАТО во Литванија овој месец, да ја проследи ратификацијата на членството на Шведска до турскиот Парламент во октомври кога ќе заврши парламентарниот одмор.

„Работниот распоред на турскиот парламент ќе го одреди процесот на (ратификување) на членството на Шведска во НАТО“, изјави Ердоган за новинарите на повратниот лет од земјите од Персискиот залив и северен Кипар, се вели во соопштението од кабинетот на турскиот претседател. „Шведска ќе има корист од преземањето конкретни чекори во борбата против терористичките организации и екстрадицијата на терористите“, додаде тој.

Анкара го обвинува Стокхолм дека прави премалку против луѓето кои Турција ги смета за терористи. Тие се главно членови на забранетата, и во ЕУ и САД, Курдска работничка партија (ПКК) и групата што Анкара ја обвинува за организирање на неуспешниот пуч во 2016 година, а екстрадицијата е главна точка на расправа.

„Очекуваме ветувањето да се исполни“, рече Ердоган, мислејќи на договорот што Турција, Шведска и Финска го постигнаа минатата година во Мадрид со цел да се решат безбедносните забелешки на Анкара. Вчера Турција го осуди делумното уништување на Куранот пред ирачката амбасада во Стокхолм, но Ердоган не го коментираше инцидентот во авионот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK