– За разлика од расправата за гласање доверба на грчката Влада по изборите во 2019 година, кога Договорот од Преспа беше во фокусот на речиси сите лидери на партиите, кои тогаш обезбедија место во Парламентот и тема за меѓусебна конфронтација, сега, на расправата што е во тек, на Договорот се осврнаа малите радикално десничарски партии, јави дописничката на МИА од Атина.
Од четвртокот во тек е расправа за гласање доверба на новата Влада, а свои говори одржаа лидерите на сите партии кои обезбедија место во Парламентот по изборите на 25 јуни.
Партиите Спартанци и Победа првпат влегоа во Парламентот, а заедно со Грчко решение се декларираат како патриотски десничарски партии, но дел од нив имаат радикални позиции не само во однос на Северна Македонија и надворешната политика, туку и за секојдневни општествени теми.
Лидерот на Грчко решение побара истражна комисија за Договорот од Преспа, лидерот на Победа порача дека Договорот е за во канта за отпадоци, а претседателот на Спартанци говореше за „распродавање на Македонија“.
На првиот ден од расправата во грчкиот Парламент говореа лидерите на сите политички партии што се дел од новиот парламентарен состав, а за дел од претседателите ова беше нивно прво обраќање.
Грчко решение на Кирјакос Велопулос, поранешниот член на ултранационалистичката ЛАОС, на изборите пред две седмици по втор пат обезбеди место во Парламентот со 4,44 отсто од гласовите и 12 пратенички места.
Во неговиот говор неколкупати се осврна на нашата земја, нарекувајќи ја „Северна лажно-Македонија“ и заедно со неговите пратеници доставија предлог за формирање пет Истражни комисии, од кои една за Договорот од Преспа.
Поконкретно бара формирање комисија за „истрага на причините, условите и процедурите под кои е потпишан и ратификуван Договорот од Преспа, припишување кривични одговорности и утврдување на основи за автоматска невалидност, за поништување, како и основи за раскинување на горенаведениот договор“.
Со сличен став се и Спартанци, со оглед на тоа дека пратеник од партијата, најави дека ќе достават предлог закон „за де факто поништување на Договорот од Преспа“.
Спартанци со освоени 4,63 отсто од гласовите и 12 пратеници се петта политичка сила во Грција и беа (непријатно) изненадување на изборите на 25 јуни, со оглед на тоа дека добија отворена и јавна поддршка од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис.
Касидиарис, откако не доби зелено светло од Врховниот суд за учество на изборите со неговата партија, од затворот каде што ја издржува казната ги повика неговите поддржувачи да гласаат за Спартанци.
По изборите, лидерот на партијата Василис Стигкас јавно му се заблагодари на Касидиарис за поддршката, но сега, говорот во Парламентот го започна демантирајќи дека се „продолжение на друга партија“ и побрза да објасни дека се „дијаметрално против нацизмот и фашизмот“, а едноставно ги следат „учењата на грчките пророци и борци во духот на грчкиот национализам“.
Паралелно, говореше за „распродавање на Македонија“ со „предавничкиот“ Договор од Преспа.
Со 3,69 отсто од гласовите и десет пратеници Демократско патриотско движење Победа е седмата и претпоследна партија во грчкиот Парламент, која нема поразлични позиции од Грчко решение и Спартанци, не само во однос на нашата земја, туку и за одредени други теми.
Лидерот на партијата Димитрис Нациос во неговиот говор рече дека „Договорот од Преспа претрпе стотици прекршувања од Скопје, а Владата никогаш не ги истражи обвиненијата за финансирање на многу од оние кои гласаа за во парламентите на двете земји“.
Побара од Нова демократија да му објасни на грчкиот народ, зошто, како што рече, предизборно излажа „кога ветуваше вето за европската и НАТО интеграцијата на Скопје со украденото име, а по изборите како Влада го направи и го прави токму спротивното“.
-За Победа, овој договор треба да заврши онаму каде што му е местото, односно во канта за отпадоци, рече Нациос.
Овие позиции на трите конкретни радикално десничарски партии беа познати и пред и по изборите во Грција.
Затоа, дописничката на МИА од Атина, во понеделникот, неколку дена пред расправата во Парламентот, побара одговор од новиот портпарол на грчката Влада Павлос Маринакис за време на првиот брифинг со новинарите за тоа каква ќе биде позицијата на Владата во однос на земјите од Западен Балкан, особено 20 години по Солунската агенда и во однос на Северна Македонија, со оглед на тоа дека во Парламентот постојат партии кои се против Договорот од Преспа.
Маринакис не даде конкретен одговор, единствено истакна дека Владата е посветена на одбрана на националните интереси.
-Владата на Кирјакос Мицотакис и во претходниот нејзин мандат и во овој мандат мислам дека на најдобар можен начин ги одбрани интересите на сите грчки граѓани и ја заштити земјата, ја направи надворешно посилна и ова ќе продолжи да го прави, да ги брани националните интереси, без најмала отстапка на сите нивоа, рече Маринакис.
Сања Ристовска