Албанскиот министер за внатрешни работи Бледи Чучи на прес-конференција со генералниот директор на државната полиција, Мухамет Румбулаку, изнесе детали за контролата извршена денеска во кампот на МЕК во Манз, кај Драч каде е забележан и судир со полицијата.
Чучи изјави дека насилството извршено врз државната полиција од страна на припадници на организацијата МЕК е неоправдано и за осуда и е директно прекршување на договорот со нив.
– Жал ми е, па дури чувствувам и огорченост од реакцијата на членовите на организацијата МЕК врз државната полиција за време на акцијата. Жал ми е што Албанија им понуди сè што е поврзано со нивното засолниште за хуманитарни цели според договорот, им понуди помош, безбедност, па дури и им понуди заштита од заканите кои доаѓаат од тајните служби на Иран, подвлече Чучи.
Додаде дека „имавме загриженост за непочитување на договорот, бидејќи неодамна нивната политичка активност го привлече вниманието на Обвинителството во Албанија“.
– Што се однесува до смртта на лицето во кампот таа не е предизвикана од никакво дејство на полициските сили. Го чекаме форензичкото вештачење, има слики од полицијата и од самите членови внатре во кампот, одговори Чучи на обвинувањата од Муџахедините дека еден од нив починал од полициско насилство.
Генералниот директор на полицијата, Румбулаку, меѓу другото рече дека се запленети сервери и компјутерска опрема во 17 простории.
– Повредени се 15 полицајци, а оштетени се и повеќе полициски возила. Од нивна страна 21 граѓанин се повредени, од кои 15 ги напуштиле болничките центри и се вратиле во местото на живеење, изјави Румбулаку.
Државната полиција објави и снимка направена со дрон од денешната контрола во кампот.
Спротивно на она што членовите на МЕК тврдат дека државната полиција употребила насилство врз нив, се чини дека полицајците само вршеле проверки и избегнувале физички контакт со жителите на кампот.
На видеото се гледа дека жителите ги блокирале полициските возила, а полицајците интервенирале да ги избркаат.
Во кампот сместени се над три илјади Муџахедини.