– Премиерката на Србија Ана Брнабиќ зборувајќи денес за барањата од протестите „Србија против насилството“, повтори дека власта ќе се менува само на избори и повтори дека е подготвена да поднесе оставка, јави дописникот на МИА од Белград.
– Јас немам проблем да поднесам оставка од премиерската функција, (претседателот на Србија) Александар Вучиќ тогаш има уставно овластување или да го даде мандатот на некој друг да формира Влада и да има мнозинство во Собранието, или да одиме на избори. Бидејќи вие не сакате избори и велите дека не ги барате, како мислите дека тоа функционира, праша Брнабиќ гостувајќи денес на Дневникот ТВ Прва.
Таа додаде дека на денешната средба му го кажала тоа и на претседателот Александар Вучиќ.
– Не сум подготвена како премиер некој на улица да ми кадрира и да одлучува кој што да прави. Претседателот Вучиќ ја има таа информации дека јас можам да поднесам оставка. Влегов во владата за да му помогнам бидејќи знам колку работи за својот народ, да ни помогне да направиме нешто за граѓаните и нешто за државата, рече Брнабиќ.
Брнабиќ најави дека српската влада на „барање“ на претседателот Александар Вучиќ ќе го повлече предлог законот за управување со јавните претпријатија од собраниска процедура.
Таа зборуваше и за утре најавеното обраќање до јавноста со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Утре во 20 часот јас и претседателот ќе и се обратиме на јавноста со суштински, политички и економски вести. Мислам дека граѓаните ќе бидат задоволни. Сакаме да поднесеме извештај, но и да кажеме кои се плановите. Верувам дека граѓаните ќе бидат задоволни, имаме добри вести за нив, рече таа.