– Шест партии би влегле во бугарскиот Парламент доколку има избори во јули, покажува последното истражување за изборните ставови на социолошката агенција „Тренд“.
ГЕРБ би добила 24,8 отсто од гласовите, а потоа следува „Продолжување на промените – Демократска Бугарија“ со 19,1 отсто од оние кои се изјасниле дека ќе гласаат на евентуални избори.
Третото место е на „Преродба“ со поддршка од 15,5 отсто од гласачите, а потоа следат ДПС со 13,7 отсто и БСП со 8,6 отсто.
„Има таков народ“ е на прагот на собраниската бариера со четири отсто од гласачите.
Опцијата „Не поддржувај никого“ достигнува нивоа од 6,3 отсто.
Повеќе од половина (52 отсто) од анкетираните се на мислење дека предвремените парламентарни избори не се неопходни, додека четвртина сметаат дека се потребни.
Позитивна оценка за работата на кабинетот на Николај Денков изразиле 22 отсто од сите испитаници.
Владата има најсилна поддршка меѓу поддржувачите на „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП – ДБ), додека симпатизерите на ГЕРБ се поделени на половина.
Вкупно 37 отсто од учесниците во истражувањето изразиле позитивна оценка за шефот на државата Румен Радев, а 51 отсто негативна.
Очекувањата на 20 отсто од испитаниците се дека во наредната година економската состојба во земјата ќе се подобри, 31 отсто дека ќе се влоши, а 44 отсто сметаат дека ќе остане иста.
Анкетата ја спроведе социолошката агенција „Тренд“ на барање на весникот „24 часа“. Истражувањето е спроведено во периодот од 4 до 11 јули 2023 година на 1.001 лице на возраст над 18 години.