По обработени 99 отсто од гласовите, од СДСМ соопштија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицискиот партнер ЗНАМ, забележала голем пад на поддршката во споредба со минатогодишните избори.
Според анализите што ги презентира партијата, ВМРО-ДПМНЕ изгубила околу 135.000 гласа, што претставува пад од 30,8%, додека ЗНАМ има пад од 56.200 на 38.034 гласа, односно околу 33% помалку.
Од СДСМ нагласуваат дека нивниот резултат бележи минимален пад од 18 отсто, што, според нив, речиси не претставува загуба ако се земе предвид пониската излезеност.
Во соопштението се наведува и дека Левица има ист процентуален пад како СДСМ, иако, како што тврдат од СДСМ, нејзиното раководство „лажно се претставува како нов лидер на опозицијата“. Според партијата, Левица има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ.
„Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е значително намалена, што укажува на опаѓање на довербата во власта“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека партијата останува втора најсилна политичка сила во земјата и дека ќе преземе мерки за понатамошно подобрување на резултатот.
Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини. Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце. СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.