Честитка од „Матица македонска“ до сите граѓани на Македонија по повод 11 Октомври


matica_0011_crop
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пред 82 години, во писмото по повод убиството на неговиот соборец и содругар, Мирче Ацев од страна на бугарскиот фашистички окупатор, еден од главните организатори на антифашистичкото движење и на НОБ во Македонија, Кузман Јосифовски-Питу, меѓу другото има напишано: „Секој треба да знае дека нема злато, нема скапоцености со кои може да се купи нивната чест. Тие не се бореа за да имаат злато или било какво богатство, туку за слобода и среќа на својот македонски народ, како што се бореле Гоце Делчев и Даме Груев, бидејќи од слободата и среќата нема поголемо злато, поголемо богатство на светот.“

Се чини нема посоодветен ден од овој, Денот на народното востание на македонскиот народ, за да се потсетиме на овие зборови. Затоа што и денес, 84 години откако пукнала првата македонска пушка во Втората светска војна, како и многу години претходно, и за нас како и за нашите претходници – илинденците и партизаните, асномците, нема, не треба да има и во времето пред нас, какво и да е, нема да има поголемо злато, поголемо богатство на светот од слободата и среќата да го искажуваме нашето македонско самочувство, и тоа со нашиот македонски збор, да го афирмираме и вреднуваме сето она што е наш, македонски идентитет и да го штитиме сето она што е наш, македонски национален интерес.


Секоја генерација има своја битка! И генерации пред нас, и ние, водиме битки за да ги сочуваме слободата и среќата што за нас, за македонскиот народ ја извојува генерацијата што го дигна Народното востание на 11 Октомври 1941 година. За нас, и за генерациите по нас! Затоа што слободата и среќата не се трајни ако постојано не се бориме за нив. Особено не, ако како во времињата што ги преживувавме и преживуваме, има и по некој што сака да ни ги открадне или да ја купи нашата чест.

Секоја генерација има и свое оружје со коешто ги води своите битки! Токму тие што со пушка се изборија за нашата слобода и среќа, потоа нѐ научија дека следните битки треба да ги водиме со збор, со творештво – со дела, со уметност, со посветеност на науката, со мудра мисла…

Ние како издавачка куќа формирана во мугрите на македонската самостојност, веќе 35-та година, непрекинато, со илјадници книги на македонски јазик, со илјадници дела од македонски автори ги водиме битките на нашите генерации. Нашето оружје се: зборот, творештвото, уметноста, научната мисла и сето она друго што го има во македонската книга во којашто е сета вистина за Македонија. И тоа не го правиме за злато или за какви и да се скапоцености, туку за да ги сочуваме слободата и среќата и за да ги заштитиме нашите македонски национални интереси, и за оние што ќе останат по нас… Затоа и се бориме да се афирмираат вистиинските македонски вредности и македонската книга да ја има во секој македонски дом. Нашата битка не запира, затоа што за неа и нема крај – должни сме и да го сочуваме, и да го надградиме, она што нашите претходници го освоја и го изградија за нас. Слободата и среќата, веќе не ни припаѓаат само нам, туку на генерациите што доаѓаат по нас. Оние што треба да ги научиме со збор, мисла и книга да ги водат битките на своето време и да ги сочуваат слободата и среќата извојувани од генерацијата на оние што на 11 Октомври го кренаа македонското народно востание.

Затоа што за нас, немало, нема и ќе нема поголемо богатство од тоа слободно да се искажуваме и остваруваме како она што навистина сме како македонски народ. Затоа што нашиот македонски збор и сето она што е наш национален идентитет засведочен и во нашите изданија, за нас се најголемото богатство. Зашто нема злато, нема скапоцености со кои може да се купи нашата чест!

Честит 11 Октомври!

Нека ни е вековит Денот на народното востание на македонскиот народ!

Нека ни се вечни македонскиот збор, македонската мисла и македонската книга!

Нека ни е вечна Македонија!

Матица македонска

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK