По триумфалниот и распродаден премиерен концерт во 2024 година, светската world music дива Јасмин Леви се враќа во Скопје. Публиката ја очекува незаборавна музичка вечер на 17 октомври 2025 година во големата сала на Македонската филхармонија – вечер исполнета со страст, емоции и ноти кои спојуваат различни светови.
Овојпат Леви доаѓа со посебна причина – промоција на новиот албум Mujer (Жена). Албумот веќе добива пофалби од критиката и публиката ширум светот, а македонската публика ќе има можност меѓу првите во живо да ги слушне новите песни кои зрачат со сила, женственост и длабока емоционалност. Секоја нумера од Mujer носи приказна, отвора нови поглавја во нејзиниот уметнички израз и претставува интимна исповед која ги надминува јазичните и културните бариери.
Покрај новите песни, публиката ќе ги слушне и нумерите кои ја одбележаа кариерата на оваа уметница и станаа неизбежен дел од нејзините настапи – „Una noche mas“, „La Alegria“, „Adio Kerida“. Во единствената интерпретација и атмосфера што Леви ја гради на сцената, овие песни добиваат нова сила и емоција.
Нејзиниот концерт не е само настап, туку вистинско музичко патување. Автентичниот сценски израз, моќниот вокал и богатите оркестарски аранжмани го претвораат секое изведување во доживување што публиката го памети долго по последниот тон. Токму затоа нејзините концерти се редовно распродадени ширум светот, а реакциите на публиката подеднакво силни каде и да настапи.

За својот повторен настап во Скопје, уметницата порачува:
“Сè уште ја носам во срцето атмосферата и топлината од минатогодишниот концерт. Тоа е вечер која нема да ја заборавам. Пресреќна сум што повторно ќе се сретнам со македонската публика и што ќе им го претставам мојот нов албум Mujer. Верувам дека оваа музика ќе најде пат до секое срце и дека заедно ќе доживееме вечер полна емоции и заедништво.”
Концертот се реализира со поддршка на генералниот покровител компанијата Мтел.
Датум: 17 октомври 2025
Место: Голема сала на Македонската филхармонија
Билети: во продажба преку онлајн системот mktickets.mk