Интервју со Тиана Ивановска: Дали се раѓаме со предрасуди?


DSC08482-Edit
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Модерното општество има толку многу слоеви, што понекогаш ни се чини дека секој еден човек е индивидуалец сам за себе. А сепак, и во еден таков свет постојат предрасуди и стереотипни размислувања, кои некои луѓе одбираат да ги наречат „личен став“. Доколку предрасудата е личен став, тогаш дискриминацијата е манифестација на таа предрасуда, а резултатот кој се добива од нив е стигма, или народски кажано – „етикета“. Но, како да ги отрфлиме овие етикети и да го ослободиме умот од предрасуди?

Психологијата ги препознава предрасудите како претпоставки односно мислења за некоја личност базирани само и единствено на припадноста на единката во одредена социјална група. Како што вели и самиот збор – тоа се ставови донесени ПРЕД да се запознае личноста или пред да се дознаат сите факти за неа, што ги прави самите предрасуди лажни факти кои не значат ништо. А сепак, тие знаат да допрат, да повредат и да остават длабока трага кај оној кон кого се насочени.


„Предрасудите често пати во нашиот систем на вредности се поврзани со ставовите на средината околу нас. Човекот како социјално битие има потреба социјално да се конформира односно да оствари целосна припадност кон мнозинството на тој начин избегнувајќи го социјалниот притисок од бивање поразличен. Ова би значело дека доколку луѓето кои осудуваат се погласни во одредена социјална средина, дел од неутралните луѓе или оние кои имаат различно мислење ќе бидат под психолошки притисок да се спротивстават. На овој начин се шират предрасудите и стереотипите, преку нивно гласно зборување и наметнување од страна на поединци и молчење и неспротивставување од страна на останатите“, вели Тиана Ивановска, психолог и професор, основач на невладината организација СебеСложувалка/SelfPuzzle”

А сепак, никој не се раѓа со предрасуди. Баш напротив, сите бебиња се раѓаат со комплетно чист, отворен ум кој е спремен да прими нови знаења, да запознае нови лица, да го препознае светот околу себе. Токму затоа е важно образованието за почитта кон другиот и за уникатните карактеристики на сите луѓе на светот да започне уште во раните години на развој, кога детето е поотворено за примање на клучни информации кои подоцна ќе му помогнат да го изгради својот карактер.

Честопати сме преплавени со премногу информации за да можеме да ги сортираме сите на логичен, методичен и рационален начин. За жал, оваа брза категоризација води до погрешни претпоставки кои имаат влијание врз поединците и врз светот во целина.

„Според мене вистински предизвик е во нашето општество човек да не преземе предрасуди и стереотипи. Конзервативноста и затворениот пристап во нашиот менталитет претставува огромна бариера во можноста да се пристапи кон нештата со неутрален став и отвореност да ги осознаеме вистински онакви какви што се. Дури и јас како психотерапевт често пати се трудам да бидам сензибилизирана во поглед на она што го зборувам бидејќи и мала ситуација или шега која ја кажуваме во друштво со цел да се пошегуваме, може да индицира повреда на нечии чувства. Постои огромна потреба да се работи на сензибилизираноста на нашиот народ и истакнување на начинот на кој поединец може да се почувствува под влијание на нашите ставови и мислења“, завршува Тиана.

Препознавањето на предрасудите и зошто тие се појавуваат е важен чекор за претворање на светот во пријатно и рамноправно место, базирано на почит и еднаквост.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK