Полска ги предупреди своите граѓани: Ако е можно, напуштете ја Русија


kremlj-moskva.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерството за надворешни работи на Полска издаде препорака со која силно ги советува сите полски државјани кои престојуваат во Русија, доколку е можно, да ја напуштат таа земја, јавува ТВП.


Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на владата, министерството советува да се избегнува секое патување во Русија, повикувајќи се на конфликтот во Украина и официјалното руско прогласување на Полска за „непријателска држава“.

Русија официјално ја вклучи Полска – која се приклучи на западните санкции и беше еден од најсилните поддржувачи на Украина – на списокот на „непријателски држави“ уште во 2022 година. Оваа ознака им овозможува на руските власти да воведат ограничувања кон дипломатските мисии и често подразбира ограничувања во трговијата и финансиските трансакции.

Затоа на полските државјани кои живеат во Русија им се препорачува „да ја напуштат територијата на Русија со достапни комерцијални или приватни средства, освен ако нивната лична, семејна или професионална ситуација не бара останување во земјата“, наведува министерството.

Полските власти исто така предупредија на можни проблеми при добивање директна конзуларна помош, поради затворање на дипломатски претставништва, што може да бара од граѓаните да патуваат до многу оддалечени конзулати.

Препораката исто така укажува на неколку други пречки со кои се соочуваат полските државјани во Русија, вклучувајќи го укинувањето на директните летови меѓу двете земји, ограничените можности за патување и тешкотиите при користење полски банкарски картички.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK