Од политичката партија Македонски Концепт велат дека остануваат цврсто на својот став дека Договорот за добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е еднострано раскинат од страна на Република Бугарија.
„Согласно Став 13, Член 3 од Договорот, со донесувањето на Рамковната позиција во бугарското Собрание и нејзиното доставување преку официјален Меморандум до Република Македонија и сите земји членки на Европската Унија на 17.09.2020 година, Република Бугарија формално-правно го раскина Договорот“, велат од таму.
Според Македонски Концепт овој чин е спротивен на духот и содржината на Договорот и резултирал со уназадување на македонско-бугарските односи, создавање на непријателство наместо пријателство и блокирање на европската интеграција на Република Македонија.
„Во тој правец, Македонски Концепт бара итно констатирање на престанокот на важноста на Договорот од страна на македонските институции; прекин на работата на т.н. историска комисија; прекин на важноста на Протоколите потпишани од Никола Димитров и Бујар Османи и изготвување нова Преговарачка рамка со ЕУ“, се наведува во соопштението.
Од Македонски Концепт велат дека остануваат посветени на отворање ново историско поглавје на вистинско пријателство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и на реална интеграција во Европската Унија, цврсто следејќи ги 6-те фундаментални вредности врз кои е формирана Европската Унија.