Дивите депонии – најголем  непријател на животната средина!


pakomak_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дивите депонии, на глобално ниво се класифицираат како еколошки проблем и како еден од главните извори за ширење на отровни материи, како и канцероген и загаден воздух. Во нив се исфрла и се собира секаков тип на комунален отпад. И токму тука е главниот проблем, бидејќи отпадот не е селектиран, туку е сместен во еден куп со потенцијал за ширење на епидемии и со загрозувачки ефекти за флората и фауната, како и за здравјето на граѓаните.

На европско ниво, управувањето со депониите е правно регулирано по високи еколошки стандарди и се вршат строги и редовни контроли и анализи.  Компаниите се редовно санкционирани доколку не ги следат пропишаните норми за управување со отпадот. Податоците покажуваат дека во последните 10 години, депониите низ Европа се намалиле за 5%. Во Македонија трендот не опаѓа, туку се зголемува, и сѐ повеќе нови диви депонии никнуваат во урбаните места, како и во руралните. Кон нивното создавање влијаат не само компаниите туку и несовесните граѓани.


Со селектирање на отпадот ќе се намалат и дивите депонии!

Во последните 15 години мисијата на Пакомак е да биде најголем промотор на зелените навики, како и сојузник и помошник на компаниите за одговорно, ефикасно и најповолно менаџирање со нивниот амбалажен отпад, во согласност со нивните законски обврски. Истовремено за граѓаните се реализираат едукативни кампањи кои имаат за цел градење јавна свест за заштита на животната средина.

За да достигне максимална еко ефикасност, Пакомак континуирано ги модернизира своите процеси на работа, ја подобрува својата политика за квалитет, како и методи за управување со отпад. Само со одговорниот однос кон амбалажниот отпад, може да се намали неговото негативно влијание врз животната средина и да се овозможи поквалитетен живот за сите.

Воедно, како една од клучните засегнати страни, граѓаните можат директно да придонесат во процесот на рециклирање и да ја одиграат својата улога во циркуларната економија. Како корисници и потрошувачи на пакувани производи од пластика, хартија, стакло или алуминиум, имате лична одговорност за тоа како и каде го оставате вашиот отпад. На пример, на едно пластично шише му се потребни повеќе од 20 години за да се разложи по природен пат во депонијата. На металниот отпад му се потребни повеќе од 50 години, а стаклото има навистина долг век на траење и може да поминат дури и повеќе од 500 години за да се разложи.

Само амбалажниот отпад (отпад од пакување) учествува со над 30% во количината на вкупен отпад, што е навистина сериозна количина и затоа е важно ваквиот тип отпад да биде селектиран и да заврши онаму каде што му е местото. Поради тоа, за да придонесете кон почиста и поздрава средина, првиот чекор е да започнете со распоредување на различните типови на отпад (стакло, хартија, пластика итн.)  и да ги однесете на рециклирање во посебно обележаните и обоените контејнери на Пакомак најблиску до вашето место на живеење. За да одложувате хартија го бирате синиот контејнер,  за стакло го бирате зелениот контејнер, а жолтиот контејнер е за пластика и лименки. Вклучете ги и вашите деца со себе, за да се научат од мали на еколошките навики и прописи за зачувување на животната средина.

Доколку живеете во некоја од општините каде што се поставени Повратните Вендинг Машини (ПВМ) по маркетите, тогаш имате и дополнителни можности да придонесувате во рециклирањето на вашите пластични шишиња и лименки. Со симнување на апликацијата “Пакомак Еко Мак” на вашиот телефон, може да започнете да собирате “зелени поени” за секое пластично шише и лименка пуштени во Повратните Вендинг Машини (ПВМ). Со собраните зелени поени, можете да одберете еден од достапните ваучери и да ги искористите во некој маркет, продажен објект или да донирате одредена сума во  хуманитарни цели.

Со редовно одложување во Пакомак контејнерите и повратните вендинг машини, вие придонесувате и сте сигурни дека вашиот отпад нема да заврши во некоја дива депонија. Со тоа што се селектира и рециклира и потоа пренаменува во нови материјали и предмети, системот на Пакомак му дава втор живот на вашето ѓубре. Иако еко предизвиците продолжуваат, Пакомак континуирано и посветено се заложува да придонесе во подобрување на отпадната инфраструктура во земјата и за подигнување на еколошката граѓанска свест. На тој начин, заеднички се создаваат услови за чиста, здрава и среќна животна средина. Пакомак заедно со вас, продолжува со својата зелена мисија, за зелена иднина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK