Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес присуствуваше на акцијата за садасување на дрвца-чинари во ООУ „Кузман Шапкарев“, како дел од големата еколошка иницијатива што општината ја спроведува во сите училишта и градинки. Оваа акција се реализира со поддршка на Канцеларијата за проектни услуги во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“, финансиран од Европската Унија, која ги донираше садниците.
– Засадувањето на секое дрвце е инвестиција во иднината на нашите деца. Како општина, континуирано работиме на подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина. Оваа донација е особено значајна бидејќи се насочува токму кон училиштата и градинките – местата каде нашите деца растат и се образуваат. Покрај бројните акции за пошумување, во сите училишта поставивме прочистувачи на воздух, а во поголемите паркови на отворено – надворешни пречистувачи, достапни за сите граѓани. Нашата заложба за чиста и здрава животна средина нема да запре овде. Продолжуваме со реализација на еколошки проекти кои ќе донесат подобри услови за сите жители на Кисела Вода, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, изразувајќи голема благодарност до Европската Унија и Канцеларијата за проектни услуги за донацијата и поддршката на иницијативата.
– Овој проект е уште еден доказ дека споделуваме исти вредности – грижа за околината и за здравјето на идните генерации. Благодарност до сите што придонесуваат за оваа благородна цел. Заедно создаваме почиста, позелена и поздрава Кисела Вода, додаде Ѓорѓиевски.