Кинескиот премиер Ли Кианг потпиша извршна наредба за спроведување на нови прописи кои ќе го зајакнат одговорот на Кина на санкциите, објави владата.
Во 2021 година, Кина донесе закон според кој странците и странските субјекти вклучени во донесувањето или спроведувањето дискриминаторски мерки против кинеските граѓани и ентитети може да бидат вклучени во списокот на можни контрамерки, како што се забрани за влез и депортации.
Нивниот имот во Кина може да биде конфискуван или замрзнат, а можна е и забрана за водење бизнис со кинески граѓани и компании.
Новите регулативи ги детализираат секторите во кои може да им биде забранет влезот на странски поединци и организации, вклучително образование, наука и технологија, правни услуги, заштита на животната средина, економија и трговија, култура, туризам, здравство и спорт.
Регулативите, исто така, прецизираат какви чекори може да преземе кинеската влада како дел од контрамерките, како што се забрана или ограничување на увозот и извозот на стоки и технологија.
Во последните години, САД и Европската унија воведоа низа ограничувања во трговијата со Кина, а исто така се обидуваат да ги блокираат кинеските инвестиции. Така ЕУ воведе дополнителни царини за увоз на електрични автомобили произведени во Кина и отвори серија истраги за понудите на кинеските компании во постапките за јавни набавки.
Кинескиот технолошки гигант Huawei е исклучен од набавка на опрема за мобилни мрежи, а Германија исто така ги заостри регулативите за влез на кинески компании во сопственичката структура на компании како што се производители на роботи и пристанишни терминали.
Од друга страна, САД неодамна воведоа дополнителни царини од 20 отсто за увоз на кинески стоки. Кина одговори со контратарифи и го ограничи извозот на минерали како галиум и германиум. Новите регулативи треба да му овозможат на Пекинг да одговори на кршењето на правото на Кина на развој, нагласуваат кинеските власти.