Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2024 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), ја направи првата селекција, избирајќи 20 од 43-те пристигнати наслови на годинашниот конкурс.
Комисијата има обврска да го соопштат наградениот роман најдоцна до 15 март.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува 26-ти пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска, во издание на издавачкиот центар „Три“ од Скопје.