Половина од 22-те државните мерни станици за квалитет на воздухот не даваат целосни резултати во ек на најголемо загадување на воздухот. Пет мерни станици не ги мерат најштетните во овој период, ПМ 2.5 честички, за кои лекарите велат дека можат да навлезат најдалбодко во организмот, други пет не ги мерат малку покрупните ПМ 10 честички. И за едните и за другите секоја зима се алармира дека се меѓу најголемите загадувачи кај нас. Пет мерни станици не мерат јаглерод моноксид, три мерни станици не покажуваат вредности за азот диоксид, во пет не се мери озон и три мерни станици не мерат сулфур диоксид.
Последниот денешен пресек на мерните станици во тринаесет часот покажа дека нецелосни резултати даваат мерните станици Ректорат, Миладиновци, Ѓорче, Петров, Битола 1, Кичево, Лазарополе, Прилеп, Охрид, Струмица, Кочани, Куманово, Гевгелија и Берово.
Министерството за животна средина и просторно планирање и покрај нецелосните податоци во мерните станици вели дека државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух генерално е во добра состојба, сите мерни станици се во функција, но со оглед на тоа што се во континуиран режим на работа има одредени дефекти на инструментите.
„Во автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух Ректорат (Скопје) во моментов е во функција само мерниот инструмент за ПМ10, додека сите останати (NO-NO2-NOx; CO; О3 и PM2.5) се исклучени заради нивна заштита за да не дојде до прегревање на сите мерни инструменти, поради тоа што во моментов нема функционален клима уред во станицата“, велат од Кабинетот на министерот за животна средина Изет Меџити, од каде истиот одговор го даваа на медиумите и минатата година, на почетокот на грејната сезона.
Автоматските мерни инструменти за ПМ10 од автоматските мониторинг станици Прилеп, Берово и Кочани и ПМ2.5 инструментите од автоматските мониторинг станици Прилеп и Берово, од Министерството велат дека во моментов се на сервис.
„Се врши нивна дијагностика, која што со оглед на комплексноста на самите инструменти и на самите дефекти од мерните инструменти е процес кој се извршува со внимание и со следење на параметрите од мерните инструменти што одзема време, за потоа истите да се сервисираат со санација или замена на неопходен резервен дел, од оние кои се на располагање, за на крај да се изврши нивна калибрација“, велат до Министерството за животна средина.
Меѓу низата мерни станици со нецелосни податоци се Битола 1 каде што мерниот инструмент за ПМ 10 се сервисира и во подготовка е неговата калибрација, во Гевгелија не се мери сулфур диоксид оти мерниот инструмент е во дефект и се врши негова дијагностика.
Мерните инструменти во мобилната станица Ѓорче Петров, пак, настрадале од гром.
„Автоматските мерни инструменти за CO и O3 од станицата во Ѓорче Петров, во моментов се во дефект, при што дијагностиката е во тек и постои најверојатен проблем со напојувањето од самите инструменти, настанати од електричен удар и избивање на системот за преднапонска заштита“, објаснуваат од Министерството.
На списокот расипани инструменти се и оние кои мерат јаглерод моноксид во мерните станици Миладиновци и Струмица. За нив од Министерството велат дека не е направена дијагностика, а истовремено нема резервни делови.
Мерачот на јаглерод диоксид во мерната станица Кочани се расипал поради постојано рестартирање, а и за него нема резервни делови.
Во Охрид расипан е мерниот инструмент за озон. Од Министерството велат дека се расипал во гарантниот период па доставувачот на опремата го презел.
Во Кичево не се мерат ПМ 2.5 честичките, инструментот се сервисира и се подготвува за калибрација, во тек е дијагностика и за инструментот за јаглерод моноксид во оваа мерна станица.
Расипани инструменти има и во мерната станица во Прилеп каде што, како што велат од Министерството, во тек е дијагностика.
„Макфакс“ побара податоци и за тоа колку време се расипани мерните инструменти во секоја од мерните станици, но од Министерството не дадоа таков податок.
Не одговорија ниту кога очекуваат да бидат во целосна функција сите мерни инструменти во станиците, но нагласија дека имаат едно стручно лице од Министерството кое врши редовно и вонредно одржување и сервисирање на мерните инструменти и дополнителната опрема во автоматските мониторинг станици.
„Треба да се забележи и дека автоматските мониторинг станици се распределени низ цела држава, па при случувањето на овие дефекти или дополнителни проблеми понекогаш е невозможно физички да се реагира во даден момент, па за поправката на дефектот или проблемот ќе биде потребно повеќе време“, велат од Министерството за животна средина.
Колку пари се досега потрошени за одржување на мерните станици од нивното поставување досега, од Министерството најавија дека дополнително ќе известат.