Студентка денеска е тешко повредена во Белград кога возач влетал во група студенти додека со 15-минутно молчење им оддавале почит на загинатите при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Tokom odavanje pošte stradalim, u Ruzveltovoj ulici u Beogradu, povređena je devojka kada ju je udario i nosio na krovu automobila nakon čega je pala ulicu. pic.twitter.com/M7nxsSuBK2
— TV N1 Beograd (@n1srbija) January 16, 2025
Повеќе од еден месец студенти од повеќе од 60 факултети им оддаваат почит на жртвите од Нови Сад со блокирање на сообраќајот 15 минути. Во четвртокот, додека стоеле на раскрсницата пред техничките факултети возач на комби во темно сина боја со голема брзина влетал од улицата на тротоарот.
Од силината на ударот студентката се нашла на покривот на автомобилот, кој продолжил да се движи носејќи ја на покривот околу триесетина метри, пред да падне на земја, покажуваат снимките објавени на социјалните мрежи.
Блокадите на факултетот беа иницирани токму поради насилството на кое беа изложени студентите на Факултетот за драмски уметности кога на 22 ноември додека им оддаваа почит на жртвите од новосадската трагедија беа нападнати од неколку лица кои подоцна беа идентификувани како членови и функционери на владејачката Српска напредна партија, анализираат медиумите во регионот.
Според написите, насилството врз студентите и учесниците на протестот беше повторено уште неколку пати додека највисоките владини функционери ги нарекоа студентите странски платеници, а блокадите обид за „обоена револуција“.
Полицијата соопшти дека го „ го пронашла возачот М.П.(38), кој е осомничен дека денеска околу пладне удрил во 20-годишна девојка. Се сомнева дека во возилото имало уште две лица, соопшти МВР.
Според неофицијални информации студентката е тешко повредена и пренесена во болница. Засега нема официјална изјава за нејзините повреди. Студентите потврдија дека девојчето е студентка во прва година на Правниот факултет во Белград.