Советот за рамномерен регионален развој ја одржа 39.седница, прва во 2025 година, а втора откако со неа претседава министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
На денешната седница, Советот едногласно ги усвои одлуките со кои се одредуваат индикаторите за определување на подрачјата со специфични развојни потреби и листата со подрачја со специфични развојни потреби. Листата се ажурира на секои 5 години согласно законот.
„Како што најавив пред еден месец на седницата на Советот кога прв пат претседавав со неа, ќе се состануваме со зголемена динамика за разлика од претходниот период со цел да дискутираме, одлучуваме и работиме во насока на поттикнување на развојот во сите општини и плански региони, соодветно на потребите на граѓаните. Рамномерниот развој е цел која тешко може да се достигне и во најразвиените држави, но со правилно насочени политики може да се доближи развојот на регионите во државата“, истакна министерот Перински.
Советот за рамномерен регионален развој е координативно тело меѓу надлежните министерства што имаат буџетски програми со влијание на регионалниот развој, но обезбедува и координација со Советите за развој на планските региони, каде членуваат градоначалниците од соодветниот плански регион. Од претходната седница, во Советот членуваат и министрите на новите министерства, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Министерството за спорт, согласно со последните измени на Законот за рамномерен регионален развој со кој е направено усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
На предлог на Советот за рамномерен регионален развој, Одлуките ги донесува Владата.