Канада ќе ги разгледа сите можни опции, вклучително и контратарифи, доколку новиот американски претседател Доналд Трамп не се откаже од заканите за воведување царини од 25 отсто на канадскиот увоз, изјави синоќа премиерот Џастин Трудо.
Најавите на Трамп претставуваат голем удар за канадската економија, имајќи предвид дека Канада извезува три четвртини од своите стоки и услуги на американскиот пазар.
„Ништо не е надвор од масата ако САД продолжат да се закануваат со царините“, рече Трудо по состанокот со премиерите на сојузните покраини на кој стануваше збор за можните одговори на тарифите доколку се појават.
Трудо не сакаше да открие детали бидејќи се уште не е познато што точно планира Трамп.
„Го поддржувам принципот на пропорционалност, со други зборови, долар за долар“, рече тој.
Трамп најави дека сака да воведе царини за да го принуди својот северен сосед да ги заостри граничните контроли и на тој начин да го запре протокот на мигранти, како и шверцот на синтетичката дрога фентанил. Но, таквиот потег би го прекршил договорот за слободна трговија.