Согласно Програмата за уредување на градежно земјиште за 2025 година, Општина Карпош денеска објави Јавен повик за доделување на финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови на станбени згради за колективно домување, на своја територија.
Во таа насока, локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 50%, но не повеќе од 500.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката и/или санацијата на постоечкиот лифт, како и за поставување на нов лифт.
Оттука, во постапката за поставување на нови лифтови, Заедницата на сопственици е должна да ја обезбеди целокупната потребна документација согласно позитивните законски прописи (проекти, одобренија и сл). Во случајов, Општината обезбедува парични средства за набавка на нов лифт, но не ги покрива и трошоците поврзани со градежните работи (отворање на окно за лифт, отстранување на градежниот отпад и слично).
Право на учество на јавниот повик имаат сите оние коишто се регистрирани како Заедници на сопственици (ЗС) или со заедницата да управува правно лице – Управител (УСЗ), согласно Законот за домување, а субвенциите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден –прв услужен“, до исцрпување на финансиските средства за оваа намена.
Потенцијалните корисници на субвенциите треба целосно да ги исполнат условите и критериумите кои се пропишани во Јавниот повик, што значи дека станбените згради за колективно домување треба да бидат постари од 25 години. Исто така, Заедницата на сопственици/Управителот на станбените згради треба да достави Одлука од сопствениците на станбените единици, дека сопствениците на посебните делови се согласни да се изврши поправка и/или санација на постоечкиот лифт и/или поставување нов лифт. Покрај тоа, сопствениците на посебните делови треба да изразат согласност да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за поправка и/или санација на постоечки лифт и/или поставување нов лифт, (во прилог кон Одлуката да достават список со потписи од 50% плус 1 (еден) сопственик). Според условите на Јавниот повик, апликантите треба да приложат и имотен лист (не постар од шест месеци), со кој се докажува сопственоста. Во случајов, потребно е да се достави имотен лист за секој стан засебно, со кој ќе се потврди сопственоста на апликантите. Имотните листови да се достават во оригинал или нотарски заверена копија (за 50% плус еден сопственик).
Пријавите треба да се достават до Општина Карпош, преку пошта на адреса: ул. Радика бр.9 ,1000 Скопје, или во архивата на Општина Карпош, со назнака:
Јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови на станбени згради за колективното домување во Општина Карпош.
Заинтересираните странки можат да добијат повеќе детали околу условите и потребната документација, на следниве линкови:
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на следниве телефонски броеви: 071/350-388 или 076/299-175.