Министерот за европски прашањa, Орхан Муртезани, оствари средба со Амбасадорот на Словачка, Хенрих Маркуш. Средбата се одржа во духот на заемната соработка и пријателските односи меѓу двете земји.
Главна тема на дискусијата беше процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската унија, при што беа разменети мислења за актуелните предизвици и перспективите на земјата во овој контекст. Министерот Муртезани ја истакна посветеноста на Владата на Северна Македонија во спроведувањето на реформите кои се од клучно значење за забрзување на интегративниот процес.
Од страна на Амбасадорот Маркуш беше потенцирана поддршката на Словачка за евроинтегративните аспирации на Северна Македонија, како и интересот за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји. Амбасадорот, исто така, истакна дека Словачка има голем потенцијал за развојна соработка и поддршка на земјите во развој и изрази уверување дека постои добар потенцијал за проширување на нашата билатерална соработка во оваа насока.
Бидејќи Северна Македонија е меѓу партнерските региони на SlovakAid, заедно со останатите земји од Западен Балкан, ова дава простор за подлабока и проширена соработка на регионално ниво.
На средбата, исто така, беа разгледани можностите за засилена соработка во повеќе области од заеднички интерес, со цел понатамошно унапредување на врските меѓу Северна Македонија и Словачка.