Европската унија очекува позитивен дијалог со новата американска администрација заснован на заеднички вредности и интереси, порачаа денеска претседателот на Европската комисија и претседател на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста.
„Очекуваме позитивен дијалог со новата американска администрација заснован на нашите заеднички вредности и интереси. Во суров свет, Европа и САД се посилни заедно“, рекоа фон дер Лајен и Коста во координирана изјава објавена на социјалните медиуми.
Лидерите на институциите на ЕУ за првпат се изјаснија по серијата потези на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кои предизвикаа немири на целиот континент. Во последните денови Трамп изјави дека ја сака Канада како 51-ва американска држава, потоа дека го сака Гренланд, остров во рамките на Данска кој ужива голема автономија, и контрола над Панамскиот канал.
Освен тоа, блискиот соработник на Трамп, најбогатиот човек на светот, Илон Маск, продолжува да се меша во политичките процеси во европските земји. Веќе со недели, на социјалната мрежа Икс, ја напаѓа британската влада на премиерот Кир Стармер и отворено ја поддржува германската крајнодесничарска Алтернатива пред предвремените избори на 23 февруари.
Коста и фон дер Лајен наведуваат дека САД се еден од најблиските партнери на Европа и дека ЕУ е посветена на зајакнување на трансатлантските врски, но и дека секогаш ќе ги штити своите граѓани, интегритетот на своите демократии и слободата.