Со гордост ја објавуваме веста дека македонскиот долгометражен филм „Стела“, кој освои големо внимание на меѓународната сцена, сега ќе биде дел од образовните програми во Шведска. Ова признание е од исклучителна важност за македонската кинематографија, бидејќи филмот ќе се користи како средство за учење на македонскиот јазик и за запознавање со културата и природата на Македонија.
Филмот ја раскажува емотивната приказна за Никола, младо момче кое заедно со својот дедо и шарпланинката Стела се соочува со предизвици како булингот и семејните потешкотии. „Стела“ е повеќе од филм – тоа е универзален симбол на љубов, храброст и взаемна поддршка, кој ги поврзува генерациите преку својата топлина и автентичност.
Филмот „Стела“ е избран како едукативна алатка во шведските образовни центри заради неговиот визуелен и емоционален карактер, кој го прави наставниот процес побогат и повпечатлив.
Иницијатори на проекот се професорките по македонски јазик Павлина Велјаноска и Тереза Шалевска-Мирчева. Професорката Павлина Велјаноска, го изрази своето мислење за значењето на филмот во едукативен контекст: „Филмот како медиум, претставува моќна алатка која преку својот визуелен и емотивен карактер го прави наставниот процес поинтересен, инспирира креативно пишување и развива критичко размислување. Нашата цел е филмот ‘Стела’ да ја поттикне свеста кај учениците околу темата врсничко насилство, да поттикне емпатија кај нив и да им овозможи да истражуваат културни и општествени аспекти на мајчиниот јазик, збогатување на лексиката и секако запознавање со убавините на Македонија.“
„Стела“ е првата македонска зелена продукција, создадена во копродукција помеѓу „Дрим Фектори“ (Македонија), „Акција Продукција“ (Србија) и „Моуна“ (Германија), со поддршка од Агенцијата за филм на РС Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд на Баден Вуртемберг во Германија.
Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ, а продуцент е Огнен Антов.
Филмот „Стела“ е мост помеѓу Македонија и светот, нудејќи можност за истражување на јазикот, културата и вредностите што нашата земја ги нуди.
По премиерата, „Стела“ освои награди и признанија на фестивали низ Европа, а со оваа нова соработка со шведските образовни институции продолжува да инспирира и да ги поврзува младите генерации со македонската култура.
Со почит, Дрим Фектори Огнен Антов, продуцент