Бројот на жртвите во нападот на божиќниот саем во германскиот град Магдебург се искачи на пет, а повеќе од 200 луѓе се повредени, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
Тој изрази солидарност и сочувство по нападот на божиќниот базар.
– Ова е ужасен чин, ранувајќи и убивајќи толку многу луѓе со толку многу бруталност – рече Шолц.
За време на обиколката на местото на несреќата во Магдебург, тој ја изразил својата загриженост за 40 лица кои се здобиле со тешки повреди, пишува германскиот весник „Билд“.
Шолц рече дека сторителот, кој беше уапсен по нападот синоќа, ќе биде „детално истражен“.
Канцеларот повика на единство и им се заблагодари на луѓето ширум светот што ја изразија својата солидарност со Магдебург, како и на итните служби кои работеа на местото на нападот, пишува Би-Би-Си.
Истовремено, премиерот на германската покраина Саксонија-Анхалт, Рајнер Хазелоф, изјави дека утрово е одржан состанок на владата на кој се разговарало за финансиските средства за поддршка на жртвите и нивните семејства.
Тој изрази и надеж дека повеќе нема да има смртни случаи и додаде дека во наредните денови детално ќе се разговара за безбедноста, но дека денеска е „ден за жалост“.