„Министерке сте пазареле ли деновиве, зејтинот е поскап од октомври“ – според Митрески владините мерки се за мачкање очи

mitreski-dimitrieska.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пратеникот на СДСМ Јован Митрески на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, поврзано со егзистенцијата на граѓаните, зголемувањето на трошоците за живот, како и зошто не сака да го прифати предлогот за укинување на ДДВ на храна.


Mитрески рече дека обезбедувањето на потрошувачката кошница со основните прехранбени производи, од во ден во ден станува луксуз. Од друга страна, според него, наместо мерки за реално пониски цени на прехранбените производи, Владата донела мерки за мачкање очи, кои ги нарече чист популизам.

„Се донесоа две потрошувачки кошнички, есенска и сега новогодишна. Помпезно ги најавивте и двете … со ПР кампањи во маркетите. Ама цените не се намалија. И да потенцирам, и двете мерки ги донесовте на ист начин. Прво им оставивте простор на трговците да ги зголемат цените, па потоа мерките стапија во сила. Се прашувам, дали Вие министерке и вашиот премиер Мицковски, сте свесни дека на овој начин им овозможивте на трговците да се богатат на грбот на граѓаните. Вие си поигрувате со егзистенцијата на граѓаните! Многу е проста проверката на ефектите на терен и многу е јасно за кого биле мерките. За граѓаните, сигурно не. После првата есенската кошничка, голем дел од цените не се намалија, некои се намалија минимално, а за некои производи цените дури и се зголемија. И статистиката го регистрираше тоа, раст на инфлацијата во месец ноември од 4,3%, и раст на цените на мало од 4 отсто“, рече Митрески.

Со втората, новогодишната кошничка, како што рече, направена е нова класична измама за граѓаните.

„Дозволивте трговците да ги покачат цените па сега наводно да ги намалуваат. Без притоа да има механизам за контрола и казна.
Вие класично манипулирате и ги потценувате граѓаните, за да го прикрете вистинскиот проблем за кој оигледно немате решение, а тоа е покачувањето на цените на производите“, додаде.

Митрески ја праша министерката дали била да пазари во продавница или маркет овие денови и дали е запознаена дека повторно има иста ситуација како со есенската кошничка. Дел од производите се намалени по денар, или по два, три денара, дел воопшто не се намалени, а цените на некои производи дури и се зголемени.

„Еве јас синоќа бев во еден маркет. Цената на зејтинот, од различни компании, за 1 литар се движи од 92 до дури 98 денари. А на први октомври цената била 83 денари. Каква мерка, какво намалување, зголемување има. Мешано сирење 459 денари, иста цена, непроменета. Кај кравјото сирење, има намалување од замислете само 5 денари и сега се продава по цена од 398 денари за килограм. Јогуртот со 3,2% масленост се покачи цената минатиот месец сега се намали и дојде исто и во овој маркет се продаваше за 69 денари а во некои маркети и над 72 денари се продава. Значи, тоа е реалноста за измамата којашто граѓаните ја гледаат секој ден во продавниците“, рече Митрески.

Тој заклучи дека со овие цени, кошничките на граѓаните за новогодишните празници ќе останат празни.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK