Патријархот на Руската православна црква Кирил, постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации Василиј Небензја, Рускиот олимписки комитет и два фудбалски клуба не беа вклучени во 15-тиот пакет антируски санкции на Европската унија благодарение на напорите на Унгарија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Според шефот на унгарската дипломатија, предлозите изнесени во врска со овој пакет санкции не биле ништо помалку од „луди“. Тој тврди дека некои предложиле санкциите го вклучуваат патријархот Кирил, рускиот претставник во ОН, рускиот олимписки комитет и „двајца руски прволигаши“.
„Ние ставивме вето. Едноставно рековме дека нема да поддржиме такви санкции“, им рече Сијарто на унгарските новинари. Сепак, според него, Унгарија го поддржала 15-тиот пакет санкции бидејќи има исклучоци за унгарската нафтена компанија МОЛ, која ќе може да продолжи да извезува нафтени деривати произведени во нејзините фабрики со руска нафта.
Вчера Европската унија усвои нов пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина, вклучувајќи построги мерки против кинеските субјекти и повеќе бродови од таканаречената руска флота во сенка, објави денеска Европската комисија во соопштение.
Комисијата подготвува 16-ти пакет санкции за јануари, кој би можел да вклучи пошироки мерки како што се рускиот течен природен гас и извозните ограничувања на подружниците на компаниите од ЕУ во трети земји, изјавија извори за Ројтерс.