Околу 1 декември нивото на Преспанско Езеро го отцрта годинешниов минимум на кота -634 cm, што е за цели 44 cm пониско од ланскиот минимум при кота -590 cm, постигнат на 2 ноември 2023 година.
При моментална површина на езерото од околу 252 km², неповратно се изгубени (споредувајќи минимум со минимум) околу 111 милиони m³ вода, односно повеќе од двојно од повеќегодишната просечна загуба од околу 54 милиони m³ вода.
За жал, дури и ако приливот на вода биде просечно голем следната пролет, максимумот во јуни 2025 година, околу кота -595 cm, ќе биде понизок од минимумот од 2023 година, на кота -590 cm, како што е прикажано со црвената стрелка на дијаграмот.
Во однос на моменталниот волумен на водата во големото Преспанско Езеро од околу 2.175 милиони m³, процентуалната загуба оваа сезона изнесуваше неверојатни 5,1%! Доколку, не дај боже, би се повторувале вакви сушни години и во иднина, езерото не само што не би го дочекало крајот на XXI век, туку би исчезнало за само 20 години.
Но, дури и во едно пореално сценарио, со намалување на врнежите за 10% и зголемување на испарувањето за 2% до крајот на векот, доколку се продолжи со сегашното црпење заради наводнување, езерото би пресушило околу 2092 година, доколку не се преземе ништо.
Катастрофата на големото Преспанско Езеро започнала уште во 1963 година, што календарски речиси се поклопува со поставувањето на таблестите затворачи на истекот од малото во големото Преспанско Езеро. Можеби дотокот ни тогаш не бил голем, но колкав и да бил, сега го нема, па големото езеро макар и само по овој основ е осудено на пропаст.
Што прават Грците со вишокот на вода што им останува во малото езеро? Наводнуваат, се разбира. Само 1,5 m³/s, односно приближно колку просечниот проток на реката Драгор низ Битола, е доволно за да предизвика ваква катастрофа, дури и без никакво намалување на врнежите и зголемување на испарувањето, што најверојатно ќе се случат до крајот на векот, а што се предвидени поради Северноатлантската осцилација (NAO) на воздушниот притисок.
Црпењето на вода за наводнување дополнително го влошува проблемот, иако официјалните бројки (веројатно намерно намалени) кажуваат дека самото наводнување не е причина за катастрофата.
Токму затоа е неопходно трите земји, што ја споделуваат бреговата линија на езерото, а особено Грција, да прифатат мониторинг на користењето на водата за наводнување, а потоа и да дозволат испуштање на вода од малото во големото езеро. При тоа сите мораат да го намалат наводнувањето со водите од езерото.
Треба да се разгледа и варијантата со затворање на подводните понори во Албанија, во заливите кај Мала Горица и Пустец. Таквиот потфат би чинел многу пари, но доколку трите земји го претстават проблемот пред Европската Унија, тие би можеле да ги обезбедат потребните пари.