Одлуката на Уставниот суд за одржување подготвителна седница за Законот за употреба на јазиците е очекувана за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Таа рече дека во Уставниот судот треба да има повеќе јавни расправи, бидејќи едно време беа речиси суспендирани. Тоа е онаа фаза кога ќе се поканат претставници на иницијаторите, институциите, и оние не се согласуваат со иницијативите, појасни Давкова.
„Потребна е таква расправа за да се соочат аргументите за и против, пред Уставниот суд да донесе одлука. Значи да го оставиме судот да решава врз основа на расправата и судијата известител, а не ние да му кажуваме како треба да работи“, рече Сиљановска-Давкова.
За бојкотот на седницата од страна на судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, Сиљановска-Давкова нема разбирање. Вели дека тие се таму за да одлучуваат со гласање „за“ или „против“.
Уставниот суд вчера одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а потоа да одлучува. Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, по седницата рече дека сведоци сме на непримерно и политичко насилство, влијание, притисоци и уцени врз Уставниот суд, што е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка и уставна култура.
Тој уверува дека одлуката за законот ќе биде донесена за неколку месеци и нема да дозволи натамошни притисоци, уцени и закани.
Законот за употреба на јазиците, по пет години од стапувањето во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата, која беше бојкотирана од судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набргу салата ја напушти и судијата Фатмир Скендер.
Венециската комисија претходно имаше забелешки за Законот за јазиците укажувајќи дека не е прецизно наведено кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите јазици на заедниците.
ДУИ од неделата протестираше пред Уставниот суд, а владејачката коалиција од албанскиот блок „Вреди“ уверуваше дека албанскиот јазик не е загрозен.