Советот на ЕУ денеска ги усвои регулативите кои предвидуваат дека авиокомпаниите мора да достават информации за патниците, како што се патни документи, информации за летот и багажот до надлежните органи, пред да стигнат до надворешните граници на ЕУ.
Како што се наведува во соопштението, Советот на ЕУ денеска даде зелено светло за две регулативи кои ја зајакнуваат безбедноста на границите на ЕУ и ја подобруваат борбата против тероризмот и тешките криминали. Овие прописи воспоставуваат рамка за пренос и собирање на информации однапред за патниците.
„Не можеме да си дозволиме никакви слепи точки за патниците кои доаѓаат во ЕУ. Благодарение на законите усвоени денеска, органите на прогонот и граничарите однапред ќе добиваат попрецизни и навремени информации за сите патници на летовите кон ЕУ“, изјави унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер.
Според новата регулатива за собирање и однапред пренесување на информации за патниците, авиокомпаниите се обврзани да ги префрлаат информациите за патниците, вклучувајќи информации за патните документи, детали за летот и информации за багажот, до релевантните органи пред патниците да стигнат до надворешните граници на ЕУ.
Со ова, како што се наведува во соопштението, се гарантира дека надлежните органи можат однапред да вршат проверки, да ги проценат потенцијалните безбедносни ризици и ефикасно да управуваат со нив. Тоа, исто така, овозможува полесна контрола на границите и обезбедува однапред да се преземат неопходните активности за обезбедување на надворешните граници на ЕУ.
Како што е наведено понатаму, регулативата за користење однапред на информации за патниците за спроведување на законот ќе го поддржи спречувањето, откривањето и гонењето на тероризмот и тешките кривични дела. Ова, како што се објаснува, ќе се постигне со поврзување на податоците на API со податоците за патниците, овозможувајќи им на властите да ги следат криминалните активности и да го спречат движењето на криминалците и терористите преку границите на ЕУ.
Ќе се воспостави централизиран систем (рутер) за пренос на податоци за да се обезбеди попрецизна размена на податоци и да се намали административниот товар. Авиокомпаниите ќе мора да користат автоматизирани системи за пренос на податоци API, со преоден период за рачно собирање податоци доколку е потребно, пренесува Танјуг.
Така, новата регулатива ќе ја замени директивата за информирање однапред за патниците и ќе стапи на сила 20 дена по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ.