Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека испраќањето помош од 20 милијарди долари на САД за Украина, кои ќе бидат покриени од приходите од замрзнатите руски средства, е „чист грабеж“ и сугерираше дека Москва може да ги заплени западните средства на нејзина територија „за да го зголеми својот индустриски потенцијал“.
Одлуката „на американското Министерство за финансии да испрати… 20 милијарди американски долари со користење на приходите од „замрзнатиот“ руски државен имот што во суштина беше украден од земјите-членки на групата Г7 е чист грабеж“, соопшти руското Министерство.
Министерството оцени дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува „во русофобично лудило да воведе што е можно повеќе антитурски санкции пред да ја предаде власта на тимот на Доналд Трамп на 20 јануари“.
„Ниту една псевдо-правна шега, богато зачинета со лицемерие и двојни стандарди, нема да помине без реакција“, се вели во соопштението.
„Русија има доволен капацитет и моќ да возврати со запленување на западните средства во нејзина јурисдикција, кои потоа би се користеле за зајакнување на индустрискиот потенцијал и спроведување инфраструктурни проекти во руските региони“.
Американското Министерство за финансии објави дека префрлило 20 милијарди американски долари во фондот на Светска банка за економска и финансиска помош за Украина. Ова е американскиот дел од заемот што земјите членки на групата Г7 го намениле за Украина во вкупен износ од 50 милијарди долари.
Европската унија вети дека ќе и помогне на Украина со 20 милијарди американски долари, кои ќе бидат покриени со приходи од замрзнати руски средства, а помали заеми ветија и Велика Британија, Канада и Јапонија.