На последната 53. седница, Советот на Општина Гевгелија го усвои Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година. Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија е утврден на 717.655.920 денари или 11.612.555 евра. Основниот буџет изнесува 346.432.321 денар, од коишто редовни приходи на Општината се 298.031.429 денари и 48.400.892 денари капитални приходи од Буџетот на Република Македонија. Во вкупната структура на Нацрт-Буџетот, 348.327.630 денари припаѓаат на приходи на дотации, 3.000.000 денари се приходи на донации, а 19.859.696 денари приходи на самофинансирачки активности.
Капиталните приходи во вкупната структура на Нацрт-Буџетот учествуваат со 4,84% или 34.667.637 денари. Во структурата на Основниот буџет, капиталните приходи учествуваат до 10,00% или 34.667.637 денари, а 41,06% или 142.227.321 денар припаѓаат на капиталните расходи.
– Во Нацрт-Буџетот се вметнати проектите коишто беа предвидени во Развојните програми за 2025, а дел се од барањата на граѓаните. Основниот буџет за идната година во споредба со минатите години е зголемен поради рамката што ја одредува Министерството за финансии, а која се движи во висина од 216.431.133 денари, додека 51.600.000 денари се од повраток на ДДВ за 2025 година. Во Основниот буџет влегуваат грантовите добиени од Министествата и Владата – 48.400.000 денари, односно 80% од доделените средства од Владата, во висина од околу 60.000.000 денари, за реализација на двата одобрени проекти- рече Сарамандов при расправата за Нацрт-Буџетот за 2025 година.
Во однос на расходната страна, споредено со минатите години, Сарамандов појасни дека за идната година се предвидени плус 6.000.000 денари за изборни активности, зголемен е и делот за исплата на кредитите, бидејќи започнува исплатата на комерцијалниот кредит за изградбата на Западниот булевар.
– Зголемување имаме и во капиталните расходи, односно 41% или околу 142.000.000, како резултат на средствата добиени од Владата. Тука спаѓаат поголем дел од проектите што ќе се реализираат во 2025 година, дел со сопствени средства, грантови и кофинансирање или со нови средства од новиот повик од Владата- констатира Градоначалникот на општина Гевгелија.
– Значи, предвидени се завршувања на Западниот булевар и на доградбата на Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија, започнува реконструкцијата на Старата чаршија, во чија изградба немаме сопствено учество, како и на надпатникот, на влезот во Гевгелија, со 7.500.000 сопствено учество. Во Урбан блок 4.4, ќе се изгради водовод и канализација со грант, а со сопствени средства ќе бидат асфалтирани улиците. Тука се и средствата во висина од 7.800.000 денари за реконструкцијата на ДТВ „Партизан“. Предвидени се 6.000.000 денари за паркови и зеленило, според првичните предлози за изградба на паркови во Негорци и Миравци. Но, откако ќе ги оствариме средбите со граѓаните, во рамките на јавната расправа, ќе резимираме што ќе се реализира и како ќе се реализира. Имаме барање и за изградба на спортски игралишта, поради што се предвидени 10.000.000 денари- истакна во своето обраќање пред советниците градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, и притоа нагласи:
– На Јавниот повик во Владата за 2025 година, планираме да аплицираме со проектот за реконструкција на улицата „Маршал Тито“ во Гевгелија и изградба на канализација во Милетково. Во градот, за 6 улици имаме готови основни проекти за канализација, а во населените места, по завршувањето на јавната расправа, ќе видиме кои проекти ќе ги бидат реализирани. Најважно ќе биде да продолжиме и во 2025 година со добра реализација на Буџетот и изградба на капитални проекти од интерес на граѓаните.
Со усвојувањето на Нацрт-Буџетот од стана на Советот на Општина Гевгелија, започнува јавната расправа и граѓанското учество со предлози за конечниот Буџет на Општина Гевгелија за 2025 година