Францускиот премиер Мишел Барние поднесе оставка откако пратениците од екстремната десница и екстремната левица гласаа за соборување на неговата влада, втурнувајќи ја втората економија на еврозоната подлабоко во политичка криза.
Претседателот Емануел Макрон побара од Барние и владата привремено да останат на функцијата додека тој не номинира нов премиер, објави Елисејската палата.
Барние, политички ветеран и преговарач на Европската унија за Брегзит, стана премиер со најкраток стаж во модерната француска историја.
Политичките превирања дополнително ја ослабуваат Европската унија, која веќе беше потресена од падот на германската коалициска влада, а сето тоа доаѓа само неколку недели пред новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.
Макрон, кој се соочува со зголемени повици за оставка, има мандат до 2027 година.
Сепак, долгорочниот политички дебакл го ослабе. Анкетата на интернет, спроведена веднаш по гласањето недоверба, покажа дека 64 отсто од гласачите сакаат Макрон да поднесе оставка.
„Главниот виновник за сегашната ситуација е Емануел Макрон“, изјави лидерката на Националното собрание Марин Ле Пен за ТВ TF1 во средата навечер. „Распуштањето на парламентот во јуни и цензурата на владата се последица на неговата политика и значајната поделба што постои денес меѓу него и Французите“, рече Ле Пен.
Франција сега ризикува да ја заврши годината без стабилна влада или буџет за 2025 година, иако уставот дозволува посебни мерки за да се спречи колапс на владата во стилот на САД, анализираат медиумите.
Извори изјавија за Ројтерс дека Макрон има намера брзо да назначи нов премиер, при што еден од нив рече дека францускиот претседател сака да назначи премиер пред церемонијата на повторното отворање на катедралата Нотр Дам во сабота, на која се очекува да присуствува и Трамп.
Новиот премиер ќе се соочи со истите предизвици како Барние во донесувањето на неговиот предлог-закон, вклучувајќи го и буџетот за 2025 година, во поделен парламент. Нови предвремени парламентарни избори не може да се одржат пред јули, според написите.
„Политичката неизвесност веројатно ќе ги ослаби и инвестициите и потрошувачката“, наведуваат аналитичарите.
Политичката неизвесност со недели ги вознемирува инвеститорите во француските државни обврзници и акции.
Францускиот конзервативен политичар Ксавиер Бертран рече дека чувствува мешавина од гнев и срам поради гласањето за недоверба.