После повеќе од еден месец консултации со бизнисот денеска ја објавивме „Новогодишната кошничка“ која што ја најавивме за граѓаните за време на новогодишните празници. Оваа “Новогодишна кошница“ е нешто многу поразлично од досегашните мерки кои се носеле со цел заштита на стандардот на граѓаните. Различна е по тоа што наместо ние како Министерство за економија и труд и Влада да носиме одлуки за замрзнување и ограничување на цени и маржи, и други непазарни решенија за да влијаеме на намалување на цените на основните прехранбени производи, во соработка со Стопанските комори со производителите, дистрибутерите и трговците денеска имаме „Новогодишна кошница“ која што произлегува токму од бизнисот“ кажа министерот Бесар Дурмиши на денешната презентација на „Новогодишната кошница„ со претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
И Мицкоски посочи дека се намалуваат цените на над 600 производи за новогодишните празници.
„Во присуство на производителите и дистрибутерите, повторно на едно исто место беа и производителите и дистрибутерите, направивме нешто што досега можеби никогаш не е направено, а тоа е дека сите заедно ние разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис во којшто сите страни се согласивме дека во периодот од 15-ти декември до 15-ти јануари цените на одредени производи, а тоа се повеќе од шестотини артикли, ќе бидат намалени и брендирани како што беше до сега“, рече премиерот Христијан Мицкоски.