Илјадници луѓе вечерва повторно излегоа на улиците на Тбилиси за да протестираат против одлуката на владата да ги прекине пристапните преговори со Европската унија до крајот на 2028 година, јавува Би-Би-Си.
Демонстрантите извикуваа „предавници“ и носеа фотографии од новинари за кои тврдат дека биле претепани од полицијата во петокот вечерта.
На протестите таа вечер полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите, а власта тврди дека се уапсени 43 лица.
Повеќе од 100 дипломати и државни службеници во Грузија потпишаа отворено писмо во кое тврдат дека одлуката на владата не е во согласност со стратешките интереси на земјата.
Бранејќи го својот потег, премиерот Иракли Кобахиџе ја обвини ЕУ за уцена откако европските пратеници побараа повторување на минатомесечните парламентарни избори во Грузија. Како причина тие наведоа значителни неправилности.
Грузија е управувана од Грузиски сон, партија за која критичарите велат дека се обидела да ја оддалечи земјата од Унијата и да се доближи до Русија.
„Партијата победи на изборите минатиот месец, но пратениците од опозицијата го бојкотираат новиот парламент, тврдејќи дека има изборен фалсификат, а претседателот Саломе Зурабишвили го нарече еднопартискиот парламент неуставен.
Вчера Европскиот парламент ја поддржа резолуцијата која ги опишува изборите како последна фаза од ескалацијата на демократската криза во Грузија и тврди дека владејачката партија е целосно одговорна за тоа.
Резолуцијата изразува особена загриженост во врска со извештаите за заплашување гласачи, купување и манипулација на гласови и вознемирување на набљудувачите.
Европскиот парламент, исто така, повика на санкции против премиерот на Грузија и други високи функционери, вклучително и милијардерот и основач на владејачката партија, Бидзина Иванишвили.