Обвинителството поднесе предлог за притвор за три лица за уништувањето на македонското знаме синоќа во централното градско подрачје.
Од тука информираа дека поведена е постапка против три полнолетни лица за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. Против уште едно малолетно лице ќе се води редовна постапка според Законот за правда за децата.
„Осомничените на 28.11.2024 година околу 20:00 до 23:00 часот на булевар „Крсте Мисирков“ во Скопје, по завршување манифестација на плоштадот Скендербег по повод прослава на денот на албанското знаме, со излагање на подбив на национални симболи, односно со палење, уништување и кинење на државното знаме, предизвикале омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност“, велат од Обвинителството.
За полнолетните осомничени надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски претходно соопшти дека за случајот синоќа биле уапсени осум лица, од кои четири за предизвикување верска и национална омраза.
„Четири од нив се уапсени поради тоа што сториле прекршок, учествувале во тепачка, а другите четири лица се уапсени поради тоа што за нив имаме основано сомнение дека сториле кривично дело 319 од Кривичниот законик, кое се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, а за што е предвидено минимална казна од една година затвор. За тие четири лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави за ова дело“, рече Тошковски.
Тој упати порака до сите што имаат на ум да предизвикаат какво било сценарио за дестабилизација на Македонија дека МВР ќе одговори жестоко.
Сквернавењето на државното знаме се случи во центарот на Скопје, придружено со пукање и ненајавено блокирање на скопските улици за време на прославата на Денот на албанското знаме. Дивеењето беше осудено од политичките чинители.