Безбедносните камери го снимија моментот кога авион се урна недалеку од аеродромот во Литванија. Авионот со четворица членови на екипажот се урна утринава во 5:30 часот по локално време во станбена зона во Вилнус, на неколку километри од пистата.
Снимките кои кружат на социјалните мрежи покажуваат како авионот се подготвува за слетување.
На небото се гледаат светлата на авионот додека полека ја спушта висината. И тогаш, во еден момент, доаѓа до страшна експлозија и блесок што го осветлува небото.
BREAKING VIDEO: Huge fireball as cargo plane crashes into residential building while approaching Vilnius International Airport in #Lithuania, leaving at least 1 dead, 3 injured.
pic.twitter.com/UBb96ZJ1g0— Breaking News Video (@BreakingAlerter) November 25, 2024
Еден член на екипажот загина при падот, а останатите тројца со повреди беа извлечени од леталото и беа пренесени во болница. Авионот се излизгал неколку стотици метри пред да удри во станбена зграда.
Според официјални лица, 12 лица кои биле во објектот во моментот на ударот биле извлечени живи.
Причината за падот на авионот се’ уште не е позната, а истрагата е во тек. Бројни теории кружат за тоа што му претходело на падот, а според надлежните не е исклучена ниту можноста од терористички напад.
„Еден од членовите на екипажот е пронајден без знаци на живот“, изјави Вилмантас Виткаускас, шеф на Државниот кризен центар. Виткаускас рече дека е прерано да се извлечат какви било заклучоци за тоа што ја предизвикало несреќата и дека околностите и причините се истражуваат.
Во овој момент нема индикации дека на авионската несреќа и претходела експлозија во леталото. Се верува дека авионот паднал поради технички дефект или човечка грешка. Но, не е исклучена ниту опцијата дека се работи за терористички чин, пишуваат локалните медиуми.
„Ова е една од верзиите за несреќата, која ќе биде истражена и проверена. Пред нас е многу работа. Собирањето докази може да потрае цела недела, нема да има брзи одговори“, рече Паулаускас.