Полицијата до Основното јавно обвинителство Кочани, поднесе кривична пријава против рудник од Македонска Каменица и против К.Б.К.(57) од Велика Британија, со дозвола за привремен престој во Македонска Каменица, одговорно лице поради загадување на животната средина и природа и загадување на добиточна храна и вода.
Според иннформациите од МВР, од 1 до 4 август, годинава, при процесот на флотација, од рудник во река Каменичка, која се влева во акумулацијата Калиманци, испуштени се отпадни води, односно тешки метали (цинк, олово, кадмиум и жива) во двојно поголеми количини од дозволените, со што на подолг рок предизвикале опасност по животинскиот и растителниот свет во Каменичка река и акумулацијата Калиманци.
„Од правното лице, истиот период во Каменичка река и езерото Калиманци е испуштен и акутен токсин цијанид, од чие присуство во езерото Калиманци е предизвикано акутно труење на рибите“, велат од МВР.
Со вештачење со наод и мислење на Институтот за сточарство и рибарство, а врз основа на извештаи од лабараториско испитување на примероци вода од лабараторија е констатирано присуство на штетни и опасни материи во водата- тешки метали, а констатирано е и присуство на акутен токсин цијанид во смртоносна доза, а кој е причинител на труењето на рибите.