Во посета на Општина Гевгелија беа учениците од четвртите одделенија во основните гевгелиски училишта. Во рамки на наставната единица „Запознај ја Локалната самоуправа“ по Општетство, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, им помогна во совладувањето на материјалот, информирајќи ги за неговата работа како татко на градот. Но, и со можност да му постават прашања кои ги засегаат децата. Во знак на благодарност и помошта за усвоените знаења, учениците му подарија на Градоначалникот прекрасни изработки.
Сарамандов го изрази своето задоволство што во неколку наврати имаше дружба со гевгелиските четвртоодделенци и што со интересни прашања му ги направија работните денови позитивни и интересни.
– Стекнувањето нови знаења и искуства за децата претставува важен елемент за нивниот понатамошен развој. Со континуиран придонес, овозможуваме подобри услови за идните генерации, рече Сарамандов, упатувајќи пофалби и честитки до наставниот кадар за поттикнувањето креативност кај децата да реализираат интересни активности.