„Деновиве пред нас е еден од најважните документи, сериозен документ за којшто се разговара во Собрание. Документ којшто најдиректно, најсилно влијае врз животот на сите граѓани. Предлог буџетот за 2025 година којшто наполно е различен од сите досегашни буџети на претходната влада“ , истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Пеце Милевски на денешната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Милевски посочи дека кај овој предлог буџет фокусот е насочен токму кон најсуштинските потреби на граѓаните и покрај уништената економија која ја затекнале како и отсуство на стратешко планирање.
„Јас сум задоволен што овој предлог буџет најпрво ги интегрира најсуштинските потреби на граѓаните, притоа соочен со седум годишен период на комплетно урнисана економија, изместени фискални политики, отсуство на развоен концепт, отсуство на стратешко планирање.
Резултатот од тоа го видовме сите, го почувствувавме на сопствен грб, го почувствуваа тоа сите граѓани на Македонија“ дополни Милевски.
Милевски додаде дека предлог-буџетот за 2025 година претставува концепт кој ќе донесе суштински промени во водењето на јавните финансии, а граѓаните ќе го почувствуваат економскиот развој и напомена дека отстапување нема да има.
„Овој предлог-буџет за 2025 година претставува како концепт суштинска промена во водењето на јавните финансии од досегашната седумгодишна практика.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата вети пред граѓаните економски развој и подобри услови за живот и од тоа секојдневно потврдува дека нема отстапување.
Оттаму, концептот на овој предлог – буџет се темели првенствено на: фискална консолидација, на инвестиции и остварување забрзан економски раст“, заклучи Милевски.